Додик: Нема да поднесам оставка, ниту да ја напуштам Република Српска

Претседателот на Република Српска – Милорад Додик денеска за руската државна агенција ТАСС изјави дека не размислувал за оставка и дека нема да ја напушти Република Српска.

„Никогаш нема да поднесам оставка под притисок. Ќе ја напуштам политичката сцена само кога граѓаните на Република Српска ќе одлучат дека е време да си одам“, изјави Додик, пренесуваат сараевските медиуми.

Тој додаде дека „дефинитивно нема да ја напушти РС“, бидејќи, како што рече, „има сè – семејството и неговите најблиски“.

„Таму се чувствувам добро“, посочи Додик, додавајќи дека е посветен „да се залага за Република Српска и да се бори за секој нејзин агол“.

Тој рече дека властите на РС „не се милитаристи, ниту се бунтовничка група и нема од што да се плашат“.

„Законот е на наша страна и се врши очигледна и широко распространета злоупотреба од политичарите во Сараево, особено оние босански муслимани кои се посветени на политичкиот ислам, кој тие го промовираат на овие простори веќе три децении“, рече Додик.

Back to top button
Close