„Договорoт куќа (не)гради”?!

Во судбоносниот историски проект за конституирање независна и суверена македонска држава значајно место, улога и влијание има амбицијата и определбата на македонските граѓани за приклучување на новонастанатата демократска државна творба во Евроатлантските структури (Европската Унија и НАТО). Ваквата определба беше и остана еден од врвните приоритети кај македонската јавност. Меѓутоа, искуството покажа дека влегувањето во друштвото на моќните државни актери не е едноставен чин туку бара исклучително сериозен и комплексен општествен ангажман од страна на потенцијалниот кандидат.

Желбата за пристапување во друштвото на најразвиените и најмоќни држави и структури во светот за младата држава на Балканот наметна потреба за отварање и разрешување на многубројни историски и современи прашања кои беа од витално значење за создавање и опстојување на новата држава. Покрај големиот реформско-градителски зафат за формирање на сите неопходни современи политички институции, како и големите напори за европеизирање на менталниот склоп на македонските граѓани, додатен предизвик стана и односот на македонската држава со нејзините соседни држави, пред се`, со Република Грција и Република Бугарија. Разрешувањето на отворените историски и современи прашања во односите на републиката со овие држави се издигна на ниво на еден од основните критериуми за отварање на преговори за членство во посакуваните евроатлантски структури.

Во рамката за преговори особено место имаше прашањето за името на новата независна Република Македонија. Одлуката за името во македонската реалност се провлекуваше долги години од нејзиното осамостојување и тоа од најмалку две внатрешни причини: од една страна, предлозите за името беа врзани со сентиментот и сензибилитетот на македонскиот народ за зачувување и натамошна афримација на неговиот идентитет и самобитност и акламативно се отфрлаше било каква формула во која не се содржи македонскиот етнички белег на народот и на земјата; од друга страна, прашањето за името се злоупотребуваше и се одлагаше од властите бидејќи се покажа како одличен инструмент за политичка манипулација со масите (ова особено беше користено од страна на фашизоидната диктаторска власт на Никола Груевски и на неговата булумента). Тоа беше прикажувано како речиси неразрешлив момент, нешто многу сложено на што треба да се работи долго и напорно бидејќи меѓународната заедница поставува неприфатливи услови за името на македонската држава, и слично. Но, одлагањето во голем дел беше во функција на одржување и „роварење” на корумпираните политички структури во слободниот од страна на меѓународната заедница немониториран простор, додека земјата беше во своевидна меѓународна изолација. Оние што бараа и тврдеа дека решение мора да се изнајде што поскоро и дека земјата заради проблемот со името трпи огромни штети во својот развој и во меѓународната афирмација и авторитет, беа по автоматизам прогласувани за предавници на македонската кауза. Иронија на историјата е дека токму тие кои ги прогласуваа „предавниците” подоцна завршија во судски процеси за криминал, корупција, предавства, а знаменосецот на целата таа антимакедонска „патриотска” папазјанија избега од земјата, велат, со неброено украдено од народот богатство.

Во тие времиња/невремиња бевме сведоци на зовриени диригирани емоции со национал-романтичарски занес на определени идејно-политички негативно енергизирани структури кои дебатата за можна промена на името ја прогласуваа како обид за разнебитување на националниот идентитет на Македонскиот народ. Ваквата состојба во која рационалното се повлекуваше или беше недоволно моќно за реално да ги процени  манипулациите и објективно да се согледаат и оценат пречките кои стоеја пред државата на патот кон ЕУ и НАТО нанесуваше големи социјални, економски, политички и други штети.

Во ваква турбулентна ситуација малку беа почитувани, консултирани, па и применувани одделни Европски искуства во врска со прашањето за името на поедини држави. Според позитивните искуства, евентуални намери и мерки за менување на името на државата кај модерните европски држави се преземаат без вакви „балканско-македонски специјалитети” обландирани со негативни социјално-политички набои кои, во случајов, го поделија македонското општество до крајни граници. Примерот со Холандија е најсвеж и најеклатантен пример за модерниот приод и третман кон вакво прашање. Имено, без референдуми, без вжештена социјална атмосфера, без демонстрации и силни патриотски изблици од слоеви од општеството, Холандските власти донесоа одлука од 1 јануари 2021 година Холандија да се преименува како Низоземска или Niderland, име за севкупна широка и званична употреба. Причините за оваа одлука се, за многумина сосема бизарни, но сепак мудри за практичниот дух на Холанѓаните. Според овој дух, властите се надеваат дека со оваа промена ќе се привлечат поголем број туристи во другите делови на земјата, бидејќи градовите Амстердам, Харлем и Хаг не можат да го издржат притисокот на големиот број туристи кои секоја година ги посетуваат овие туристички центри. Фокусот е всушност ставен врз нова стратегија во развојот на туризмот, да ги пренасочат странците, покрај двете покраини што се нарекуваат Холандија (првенствено Амстердам), да ги посетуваат и помалку посетените делови на земјата. Со тоа би се намалила инвазијата на туристите само на исти локации во двете Холандии (Јужна и Северна), а првенствено кон Амстердам. Инаку, оваа земја има 12 провинции, од кои само две во својот наслов се содржи зборот Холандија. Значи, со оваа одлука на властите од јануари 2021 година званичен назив на поранешната држава Холандија е Кралството Низоземска (Koninkrijk der Nederlanden), а зборот Nederlanden (Низоземска) е составен од два збора: „neder“, што на германските јазици значи „ниско“, и „land“, што значи „земја”. Во буквален превод званичниот назив на оваа земја е „Кралство на Ниските Земји“. Но во нашиот балкански менталитет вакви потези добиваат демонски размери.

По силните турбуленции и неизвесности, во републиката се случи Шарената револуција и други продемократски придвижувања во кои Македонија ја измени структурата на власта и се отворија демократско-либералните процеси и односи во македонското општество. Во новата демократска клима, а благодарение и на државничката мудрост и храброст на лидерот Зоран Заев и неговата политичка соработничка структура, нештата (политичките случувања) се покренаа од мртва точка и станаа реално можни за демократизација на малата балканска држава. Со силен политички ангажман на рефромската демократски ориентирана структура и со помош и од меѓународните фактори низ долги преговори и искрени амбиции се направи пробив во нашата надворешна политика на еропскиот пат, при што, покрај другото, со успех беа постигнати, дефинирани и објавени двата историски договори: едниот е Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија (потпишан на 1 август 2017) со кој требаше да се надминат сите историски недоразбирања меѓу двата народи (Бугарскиот и Македонскиот) и да отпочне нова ера во односите меѓу двете соседни и пријателски држави; и другиот е тнр. Преспански договор со Република Грција, со кој, покрај другото, се разреши и прашањето за името на државата која стана меѓународно призната и позната како Република Северна Македонија (потпишан на 17 јуни 2018). Се сметаше дека со заживувањето на принципите од двата документи ќе се отвори патот за пристапни преговори меѓу ЕУ и РСМ. Во меѓувреме, републиката стана триесетта полноправна членка на НАТО пактот.

Меѓутоа, активностите со преговорите неочекувано се соочија со потешкотии заради барањата за своевидна „ревизија” на Договорот за добрососедство со Република Бугарија, иницирани и наметнати до бугарската страна. Со тоа истовремено се усложни и се одложи процесот за пристапување на Македонската држава кон ЕУ. Иако Република Бугарија има препознаени и признати заслуги за признавањето на независната и суверена македонска држава, таа во еден момент пред македонската страна постави нови услови кои предизвикаа спор (рационален или ирационален, сеедно) кој се претвори во пречка за отпочнување на преговорите со ЕУ.

Како што е општо познато, во скорешната историја двете држави (Бугарија и Република Северна Македонија) егзистираа во различни општествени контексти. Различните општествени услови и околности во кои егзистираа двете држави придонесуваа за појави на недоразбирања и отежната соработка помеѓу двата народи. Од тие причини меѓу нив постоеше извесна доза на константна и латентна неблагонаклонета тензија. Цел на Договорот е да ги помести меѓусебните односи на двете соседни земји кон надминување на минатото, разбирање, соработка и почитување на двата државни субјекти.

Тоа е сурова историски продуцирана архаична реалност која треба да се надминува низ една демократски водена расправа и процедура меѓу двете земји која ќе придонесе да се етаблира новата атмосфера на добрососедски меѓудржавни односи на пријателство и соработка во новата заедничка постојбина наречена Европска Унија. Но тој спор, иако навидум е во врска со историските збиднувања на двете земји, носи прикриена (намера) опасност од определени негативно ориентирани групации да навлезе во идентитетските пространства и да се претвори во долгорочен отворен проблем меѓу двете земји и народи. Тоа мора да се надмине и избегне преку добронамерна дебата меѓу двете земји. Во актуелниот миг, во таа дебата се активно вклучени историчари (експерти од историската наука) од двете страни преку тнр. Комисија за историја. Резултатите од нивните преговори се сеуште мали, а нивната работа се одвива со изразени потешкотии и несогласувања по определени историски настани и личности. Исто така, во позадината на расправата на независните експерти/научници во историската наука во двете земји, како да провејува и  доза на политички притисок за толкувањето на историските збиднувања, што на спорот и на можностите за негово надминување му прави додатна потешкотија.

Меѓутоа, само „историска дебата” не е доволна за разрешување на определени прашања и за воспоставување на нов квалитет на односи меѓу двете соседни земји. Ангажманот на овој план  треба да биде поширок и поброен, да вклучува поширок број на актери и субјекти во дебатата. Договорот содржи широк спектар теми по кои треба да се работи за да се постигне саканото ниво на меѓусебните добрососедски односи меѓу двете земји. За сите тие теми е нужно да се формираат посебни тимови/работни групи во кои експертите ќе треба да договараат конкретни рамки и потези за дефинирање и реализирање на истите. Со тоа би се обезбедила стабилизирана квалитетна целина на Договорот. При тоа работните групи треба да имаат на ум дека станува збор за сериозна и одговорна задача, која не смее да се политизира и искривува, туку да се извршува според принципите и стандардите на европското искуство за договарање и градење цивилизирани, модерни меѓудржавни односи. Специфичната тежина на задачата и целта на Договорот и темите што тој ги актуелизира и наметнува како обврски за кои треба да се разговара е голема бидејќи квалитетот на договореното треба да соодветствува на принципите и практиката на ЕУ, зашто договореното треба да биде во функција на остварувањето на европската перспектива и да биде дел од вкупното европска мисла и практика. Со еден збор и расправата и решенијата треба да бидат иден составен дел на европскиот модерен дух.

Расправата по Договорот не е целосна ако таа се фокусира (можно, и блокира) само на историските прашања. Добрососедските односи меѓу двете земји се поширока целина. Расправата треба да се прошири и со други аспекти на меѓусебните односи. Односите меѓу двете земји, како што е познато се комплексни и сензитивни и не се сведуваат само на историјата. Општеството е широк ентитет во кој функционираат многубројни социјални, културни, економски, политички, и слични феномени. Градењето на добри соседски меѓусебни, меѓудржавни односи може да биде солидно ако во сите овие феномени постои соработка, па и заеднички искуства со кои ќе се подигнува нивото на квалитет и успешно функционирање на феномените и на општествата. Тоа значи дека ангажманите за градење на пријателски односи мора да се со поширок дијапазон и да ги третираат квалитетите на широкиот круг на општествените феномени. Оттука се наметнува потребата во целиот процес на усогласување на ставовите и на јакнење на пријателските односи меѓу двете земји (општества и држави), покрај од историјата, да бидат вклучени експерти од сите академски бранши (социологија, политикологија, образование, економија, религија, и слично) кои ќе ги продискутираат сите аспекти на целината „добрососедски односи” и ќе договорат заеднички пристапи во градењето на натамошните соработки. Ова треба да биде во прилог на стабилитетот на максимата дека ЕУ е наша заедничка иднина и наш заеднички хармонизиран дом.

Ѓорги Тоновски

Back to top button
Close