Договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д ќе биде презентиран пред собраниските пратеници
20.04.2023 16:40
199 Читање помалку од 1м
Владата на Република Северна Македонија информира дека претставници од Владата и членови на Комитетот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10 –д ,вклучени во овој најголем инфраструктурен проект, ќе ја презентираат документацијата и деталите од Договорот за изградба на овие два коридора, во соодветна собраниска процедура.
Целта е, пратениците да се запознаат со содржината и сите детали од Договорот за изградба на двата коридора, кои се од нивни интерес. Презентацијата на Договорот, ќе биде спроведена пред сите пратеници од Собранието на Република Северна Македонија кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат.
Коридорите 8 и 10-д, се досега најголемиот инфраструктурен проект во нашата држава, чија што вредност изнесува 1,3 милијарди евра. Со реализацијата на овој проект, предвидена е изградба на четири автопатски делници, во вкупна должина од околу 110 километри. Учеството на секоја институција е важно за брза и навремена реализација на овој најголем инфраструктурен проект, кој е од стратешки интерес за државата.
Со изградбата на коридорите 8 и 10-д Северна Македонија конечно станува раскрсница на Балканот. Коридорот 8 е нов економски и развоен импулс на државата, можност Северна Македонија да биде на сообраќајната и економската карта на Европа.
Изградбата на овие два коридорa, значи поврзување на државата со другите земји од Европа, пораст на странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и роба, развиен туризам и пред сè безбедни и сигурни патишта за граѓаните.
Со почит,