Доказите за селективност при повратот на ДДВ владејачките партии ги имаат во своите штабови, вели Фатмир Битиќи

Одговарајќи на прашања во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, пратеникот и ексвицепремиер Фатмир Битиќи рече дека проблемот со повратот на ДДВ не е само технички, туку и политички, укажувајќи на партиска селекција на фирмите и укинување на клучни реформи во фискалната инфраструктура.

„Секојдневно се среќавам со компании коишто, за жал на министерката за финансии, се жалат дека повратот на ДДВ е реален проблем. Нешто што го немаше во изминатиот период“,рече Битиќи.

Тој тврди дека додека бил вицепремиер за економски прашања не постоел систем на ургенции или селективност при враќање на ДДВ.

„Можам јавно да тврдам дека во четири години како вицепремиер задолжен за економски прашања не сум добил повик за да ургирам за враќање на ДДВ на која било фирма. Единственото ургирање било да се забрзаат инспекциските надзори за да можат полесно да го вратат ДДВ. Сега не се случува ни едното ни другото. Времето на враќање е значително големо“,

вели Битиќи.
Пратеникот реагира и на тврдењата на министерката дека повратот на ДДВ во 2025 година (од 1 јануари до 31 мај) е повисок од истиот период лани, посочувајќи дека бројките не треба да се гледаат изолирано.

„Минатата година имаше избори. Во изборен процес може да има намалување на интензитетот на враќање на ДДВ, но реално секоја година износите на ДДВ би требало да бидат повисоки. Тоа е нормална појава затоа што имате зголемени економски активности секоја година“,

реагира Битиќи.
Осврнувајќи се на најавите од министерката за борба со злоупотребите на системот за поврат на ДДВ, Битиќи потсети дека токму нивната влада започнала работа на ИФМИС – интегриран систем за финансиско управување, кој овозможува автоматско следење и вкрстување на податоци помеѓу институциите:

„Речиси четири години работевме со Светска банка за да почнеме да го воспоставиме, во кој, освен во Министерството за финансии, ќе има интегриран систем и со УЈП и со Царинската управа. За жал, актуелната власт го има прекинато тој проект. Не знам кои се причините“.
Прашан дали има докази за тврдењата за партиски списоци за поврат на ДДВ, Битиќи вели дека најдобриот доказ за тоа го имаат владејачките партии во своите штабови.

„Можам да ги викнам сите компании ако добијам гаранции дека тие компании нема да бидат предмет на линчување од страна на одредени институции“,

вели Битиќи.
Пратеникот се осврна и на важноста за почитување на роковите утврдени со закон:

„Зошто се ставени роковите во законот за поврат на ДДВ? Тогаш ќе ги извадиме. Бројките се на страна на актуелната власт. Нека ги извадат роковите од 30 до 60 дена и така креираш предвидливост. Јас само прашувам зошто законскиот рок не е испочитуван“.

Битиќи заклучи дека ова не е прашање само на фискална дисциплина, туку и на правна сигурност и доверба во институциите.

Back to top button
Close