Докиќ: Смртноста од ковид во европски рамки е од 22 до 30 проценти, кај нас е 25

Смртноста во ковид-центрите на интерните клиники кај нас е 25 проценти, додека во европски рамки е од 22 до 30, вели др. Дејан Докиќ директор на Клиниката за пулмологија и координатор на ковид – центрите на Клиничкиот центар.

Како причина за високата смртност особено последнава недела, според него е вирулентноста на британскиот сој на коронавирусот кој доминира во земјава заедно со индивидуалната способност на имуниот систем, потоа факторот на возраста и коморбидитетните состојби.

„Од тие што починале повеќе биле мажи. Старосната група на оние што починале најголем број се меѓу 70 и 80 години, па потоа меѓу 60 и 70, значи не е изненадувачки. Во однос на коморбидни состојби кај тие што починале во најголем процент била застапена хипертензијата или покачениот крвен притисок, па потоа следат кардиоваскуларните заболувања, па дијабетесот, обезноста, респираторните болести, бубрежни болести итн. Тоа се оние статистики коишто ние ги имаме и варијаблата која што е предиктор на смртта е сатурацијата на крвта со кислород на прием. Сите овие состојби заедно со вирулентноста на вирусот придонесуваат да имаме една ваква смртност-рече Докиќ во интервју за Сител.
Но, за мутираниот вид на вирусот специфично е што ги напаѓа помладите, а компликаците и влошувањата се јавуваат подоцна, а како причина за смртноста кај нив се можни проблеми со имунолошкиот систем кој не може да се избори со вирусот.

„Оние што пред две недели биле релативно добри, после две недели настанува влошување со можна смрт. Овие бројки сега се одраз на она што се случувало пред две недели – вели Докиќ.
Тој очекува, актуелните мерки да ја подобрат епидемиолошката состојба, и дека за две недели бројките ќе опаднат.

Во однос на вакцинацијата Докиќ посочува дека се уште мал број луѓе се вакцинирани во државава и сигурно уште повеќе месеци нема да го постигнеме посакуваниот колективен имунитет, но смета дека вакцинирањето е еден од најважните начини да се спречи епидемијата не само кај нас, туку во светски рамки.

Back to top button
Close