Доколку службата противправно го следела Мицкоски како опозициски лидер – тоа е афера
Доколку АНБ имала основано сомневање за таквата постапка и води истрага – тоа е мега-афера.
Но доколку има прекинување на истрага – тоа е (соучество во) подривање на уставниот поредок и парализа на безбедносните служби.
Ако замислата на премиерот на седницата за пратенички прашања била да се создаде “бура во чаша вода”, сега таа неминовно ќе ги полее и безбедносниот апарат и државните институции и партиите. Прескапа цена за пар Пи-аР поени.
Да одиме по обратен редослед од оној што ни го сервираа провладините медиуми, за да дојдеме до вистинските, “тешките” прашања.
Ако Мицкоски бил следен од службата, можно е тоа да било политички мотивирано од тогашната власт. Брза проверка може да каже на основа на што било правено следењето.
Ако мотивот е политички, се што ќе биде подолу напишано е небитно.
1. Но, што доколку за следењето на дејствувањето на тогашниот опозициски лидер имало основа? На пример, доколку се истражувал нелегален тек на пари (за опозициската партија или нејзе поврзани правни и физички лица, од политички, економски или медиумски карактер на пр.)? Било тоа да е од соседството или од поширокиот регион? Или од обете?
2. Што доколку се истражувале можни туѓи влијанија во партиските политики и поведенија на тогашната опозициска, сегашна владина партија? А ако ги имало, дали за овие влијанија постоел странски ангажман во Северна Македонија преку неполитички средства?
3. Да продолжиме со хипотезата: Ако одговорот на претходното е “да”, за која цел? Односно што е тоа што ВМРО-ДПМНЕ и нејзиното лидерство би требало да го испорачаат по доаѓањето на власт и кому? На пр. за закочување на евроинтеграциите на Северна Македонија? Секоја таква обврска на тогашната опозиција во моментот на нејзиното станување власт ја доведува државата во подредена, односно потчинета позиција кон надворешен фактор, односно друга држава.
4. Странично, дали е можно ова да има врска со задолжувањето на Северна Македонија во унгарската „Ексим“ банка, која претходно се задолжила во кинеската увозно-извозна банка? Дали ова би влијаниело врз суверените одлуки на државата за своите економски, финансиски, но и безбедносни и одбранбени политики?
Резимирајќи, најнезгодното прашање е всушност што доколку АНБ основано водела истрага?
Ваквите хипотези при отсуство на институционални постапки само ќе се мултиплицираат. На пр., да одиме со „бенигните прашања“:
1. Премиерот изјавува дека поседува документ за негово следење и обработка од службата. Бидејќи „свиркачи“ алармираат само кога институциите не работат по закон и процедура, дали тоа значи дека изворот на документот е новоназначениот партиски кадар на чело на АНБ? Или негови соработници?
Пристап до такви документи нема или барем не треба да има никој вон АНБ и само поединци во неа. Кој пристапил во архивата?
2. Премиерот мавта со документи на сред Собрание. Но зошто не ги доставил во обвинителството? Собранието не води правосудни процеси. За да ги уценува опозициските политичари или безбедносните функционери? Или токму за да не ги процесуира во Обвинителството, компромитирајќи ги доказите? За случајот да се сведе на пазарење?
3. При нарушена процедура во АНБ, дури и да станува збор за прекршување на надлежности, еднакво приоритетно станува прашањето како тоа документи од АНБ “лабаво” си се шетаат кај политичари.
Затоа сега опозицијата има обврска да инсистира на истрага, преку Обвинителството, се до судски епилог, за да добиеме одговор на прашањата:
1. Дали станува збор за политичка злоупотреба на АНБ?
Зошто Мицкоски бил предмет на следење? Ако да, од кого и каква е санкцијата?
Дали тука има улога и АР? Ако да, од кого и каква е санкцијата?
2. Доколку нема политичка злоупотреба, кои биле основаните сомневања на службата? Дали истрагата е во тек во моментот на собраниската седница за пратенички прашања?
Ако да, тогаш не само директорот на АНБ, туку и премиерот ја попречиле истрагата која би докажала подривање на уставниот поредок?
3. Ако имало истрага, дали била насочена само кон Мицкоски? Или и кон негови партиски соработници? Ако да, дали тие извршуваат државни функции?
И низ Собранието, со анкетна комисија и со сослушување на сегашните и поранешните функционери во службите.
Во присуство на сојузнички политички и службени претставници.
Затоа што со вака партизирано поведение, ниту АР и АНБ се кредибилни партнери за пријателските служби, ниту граѓаните веруваат во своите служби и преку нив – во државата.
Кога партиите се посилни од институциите, државата е само територија. Или тоа е целта?