Докторот од Македонија, кој прегази куче во Софија, обвинет за сурово однесување кон животно
Окружното обвинителство на Софија го обвини докторот Ненад Цоневски за намерно сурово однесување кон животно, обвинение кое спаѓа под кривична одговорност предвидена во Кривичниот законик, јавија бугарските медиуми.

Денеска, во 16:30 часот, пред централниот влез на Воено-медицинската академија во Софија ќе се одржи протест под слоганот „Правда за Маја“, насочен кон борба против суровоста кон животните и поддршка на построги законски санкции во вакви случаи.
Повод за организирање на протестот е инцидент во кој Цоневски прегази куче во Софија. Кучето, по име Маја, беше тешко повредено и последователно беше евтаназирано.
Името на Цоневски е поврзано со Воено-медицинската академија, каде што работел. Порано оваа недела, раководството на болницата објави дека докторот е привремено суспендиран од својата позиција додека случајот не се расветли.
Бугарските медиуми вчера објавија дека Цоневски се вратил во Македонија. „Специјалистот по торакална хирургија, д-р Ненад Цоневски, кој беше снимен на 9 ноември како го прегазува кучето Маја во населбата Разсадника во главниот град со својот ‘Фолксваген Пасат’, се врати кај своите родители во неговиот роден град Делчево, Северна Македонија“, објави Телеграф.
Пред да ја напушти Бугарија, докторот бил испрашуван во полициска станица, по што бил ослободен






