Докторот Трифуновски донираше стоматолошки стол и рендген апарат во затворот ,,Скопје”

Од Управата за извршување на санкции информираа дека добиле значајна донација за подобрување на стоматолошката грижа во КПУ Затвор Скопје.

-КПУ Затвор Скопје доби значајна и исклучително корисна донација од доктор Дејан Трифуноски, кој за потребите на притворените и осудените лица донираше стоматолошки стол и рендген апарат.

Оваа донација има особено значење за установата, имајќи ја предвид реалната потреба од унапредување на условите за обезбедување соодветна стоматолошка здравствена заштита. Во КПУ Затвор Скопје во моментов има само еден стоматолог кој ги извршува стоматолошките интервенции, поради што обезбедувањето на дополнителна опрема претставува значаен чекор кон подобрување на достапноста и квалитетот на стоматолошките услуги.

Стоматолошкиот стол ќе овозможи создавање подобри услови за работа, додека рендген апаратот ќе придонесе кон побрзо и посоодветно дијагностицирање на стоматолошките проблеми и навремено определување на потребниот третман, велат од Управата.Како што дополнуваат посебно значајно е што доктор Дејан Трифуноски, покрај донацијата на опремата, доброволно прифатил да обезбедува стоматолошки услуги без финансиски надомест, кога за тоа ќе се појави потреба.

-Неговата подготвеност своето знаење, време и професионално искуство да ги стави во служба на лицата лишени од слобода претставува исклучително хуман и општествено одговорен чин.

Овој гест претставува пример дека хуманоста, професионалната одговорност и солидарноста немаат граници. Со донацијата и волонтерскиот ангажман, доктор Трифуноски директно придонесува кон подобрување на условите за здравствена грижа во установата и кон почитување на достоинството и здравјето на секој човек.

КПУ Затвор Скопје упатува искрена благодарност до доктор Дејан Трифуноски за оваа исклучително значајна донација, за неговата хуманост и за подготвеноста доброволно да помогне таму каде што помошта е најпотребна.

Овој пример покажува дека со човечност, добра волја и општествена одговорност може да се направи вистинска промена и да се придонесе кон создавање подобри услови за сите корисници на установата, велат од Управата

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close