Документите за Џефри Епстин: Кој се наоѓа во нив и што точно е наведено?

Суд во САД објави документи од речиси 1.000 страници кои поврзуваат познати личности, вклучувајќи ги Бил Клинтон и Доналд Трамп, со сексуалниот престапник Џефри Епстин.

Окружниот федерален суд во Њујорк во средата (3 јануари, 2024) објави документи од 943 страници во кои се именувани познати личности блиски до починатиот инвестициски банкар Џефри Епстин. Но, само неколку случаи вклучуваат наводи за сексуална злоупотреба на малолетни девојчиња. Судијката Лорета А. Преска го одобри објавувањето, меѓу другото, и поради тоа што повеќе информации од документите веќе најдоа пат до јавноста.

Сепак, целиот случај е експлозивен дури и за лицата кои не се обвинети за никакво кривично дело. На крајот на краиштата, секоја поврзаност со Епстин, кој наводно се обеси во затворска ќелија во 2019 година, може да има штетни последици за угледот. Што точно откриваат „Документите за Епстин“, во кои се споменуваат познати личности – и која е всушност Гилејн Максвел?

 

За какви документи станува збор

Документите се објавени како дел од судскиот спор против Гилејн Максвел, поранешната девојка на Епстин, која отслужува 20-годишна затворска казна под обвинение дека регрутирала девојки и млади жени кои потоа биле сексуално злоставувани од Епстин и други во неговиот круг. Според извештаите, Максвел ангажирала претежно малолетнички, ветувајќи им работа како масерки, за потоа да бидат принудени на проституција.

Документите вклучуваат изјави на сведоци, имејлови и други материјали. Тие содржат изјави од самата Максвел, како и од Вирџинија Џофре, која покрена постапка против неа, како и изјави од Џоана Сјоберг, која, исто така, наводно била регрутирана од Максвел. Според новинската агенција АП, по првите 40 документи треба да бидат објавени уште 250.

Важно е да се напомене дека спомнувањето имиња во судските постапки не значи автоматски дека именуваното лице е поврзано со злоупотребата на малолетни девојчиња на островот на Епстин или во некој од неговите луксузни апартмани, или дека лицето е виновно за други кривични дела.

Кој сѐ се споменува во документите за Епстин?

Бил Клинтон, Доналд Трамп, принцот Ендру, Мајкл Џексон – долга е листата на истакнати имиња кои се наоѓаат во документите. Некои до сега се криеја зад псевдонимот Џон До, додека други веќе неколку години се споменуваа во новинарските извештаи. Принцот Ендру, помладиот брат на британскиот крал Чарлс, во 2022 година вонсудски се спогоди со Вирџинија Џофре, која го обвини за сексуална злоупотреба. Принцот Ендру ги негира обвинувањата. Сегашните објавени документи ја вклучуваат изјавата на Џоана Сјоберг за средба со принцот Ендру во станот на Епстин во Њујорк. Членот на британското кралско семејство се сликал со неа и со Вирџинија Џофре, тврди Сјоберг, додека ги допира нејзините гради.

Втората изјава на Сјоберг се однесува на Бил Клинтон, кој беше претседател на САД од 1993 до 2001 година. Сјоберг тврди дека Епстин ѝ рекол дека Клинтон сака млади девојки. Во документите поранешниот претседател никаде е обвинет за кривично дело.

Уште во 2019 година имаше шпекулации за врската на Клинтон со Епстин. Во раните 2000-ти години, поранешниот американски претседател неколкупати летал со приватниот авион на Епстин како дел од хуманитарните патувања за фондацијата Клинтон. Портпаролот на Клинтон, Анхел Урења, во 2019 година изјави дека Клинтон „не знае ништо за ужасните злосторства“ кои ги извршил Епстинн. За време на летовите со авионот на Епстин, Клинтон секогаш бил со неговата придружба, вклучувајќи ги и телохранителите од тајната служба, а со Епстин не разговарал „повеќе од една деценија“.

Поранешниот претседател и актуелен претседателски кандидат Доналд Трамп, исто така, само кусо се споменува во документите. Сјоберг на судењето рече дека Епстин планирал да оди во едно од казината на Трамп во Атлантик Сити, откако неговиот приватен авион не можел да слета во Њујорк поради невреме. На прашањето дали некогаш го масирала Трамп, Сјоберг одговори „не“. Трамп, исто така, не е обвинет за ниту едно кривично дело во документите.

Истото важи и за Мајкл Џексон. Во изјавата на Сјоберг само попатно се споменува пејачот, кој почина во 2009 година. На прашањето дали некогаш запознала познати луѓе во друштвото на Епстин, Сјоберг одговори: „Го запознав Мајкл Џексон… во куќата на Џефри во Палм Бич“. Ниту него не го масирала, како што тврди.

 

Случаите Епстин и Максвел

Во 2019 година, Џефри Епстин беше обвинет дека водел мрежа за сексуална експлоатација на малолетници. Во август 2019 година, пред почетокот на судењето, тој беше пронајден мртов во неговата затворска ќелија. Официјалната причина за смртта е самоубиство. Уште во 2005 година тој беше обвинет за сексуална злоупотреба на малолетничка. Родителите на 14-годишно девојче од Флорида поднесоа жалба против него. Повеќе од 50 наводни жртви се јавија во полиција во текот на истрагата. Епстин се договорил со обвинителството и по 13 месеци затвор (со слободно движење до 12 часа дневно) повторно бил на слобода.

Во 2019 година, обвинителството во Њујорк поднесе обвинение против него. Се тврди дека во периодот од 2002 до 2005 година тој сексуално злоставувал стотици малолетни девојчиња или ги принудувал на проституција.

Гилејн Максвел беше партнерка на Епстин во раните 1990-ти години. Ќерката на британскиот медиумски магнат беше прогласена за виновна во 2021 година по пет обвиненија, вклучувајќи и трговија со луѓе за сексуални цели. Таа беше осудена на 20 години затвор и поднесе жалба. Покрај регрутирањето за Епстин и за неговата мрежа за принудна проституција, Максвел е обвинета и за сексуално злоставување на девојчиња. Неколку жени на судењата ја обвинија за тоа.(dw)

Back to top button
Close