Долга ноќ во Мала Речица – „огнените“ притискаат Груби да замине од Владата?
Сѐ уште трае седницата на претседателството на Демократската унија за интеграција (ДУИ), на која, меѓу другото, партиските функционери во извршната власт даваат отчет за сработеното.
Според информации на ТВ Алсат, на состанокот се продлабочува судирот со „огнената група“, која бара одговорност од извршната власт на чело со вицепремиерот Артан Груби.
Доколку не им успее иницијативата, „огнената група“, според некои најави, ќе формира фракција во партијата.
Министерот Бујар Османи, од позиција на портпарол на ДУИ, попладнево соопшти дека останува уште третата точка од дневниот ред, односно презентација на извештајот за работа на министрите, заменик-министрите и државните секретари, за која и тој најави дека може да трае и со часови.
Тој соопшти дека избрани се 16 секретари за ист број на партиски секретаријати и дека Артан Груби останува шеф на кабинет на лидерот Али Ахмети. Доцна вечерва го прашавме Османи до каде е партиската седница и дали има некаква одлука во однос на Артан Груби. Одговор до објавувањето на овој текст не добивме.
Пред првата конститутивна седница на новото Централно претседателство на ДУИ, Изет Меџити, кој е дел од „огнената група“, кажа дека очекува вистинска дебата и најави дека ќе бараат смена на Артан Груби од извршната власт.
„Ќе згреши било кој што мисли дека ќе има само формална дебата. Мислам дека ова е Демократската унија за интеграција каде што секогаш има жестоки дебати во функција да се исправиме самите ние, пред да не поправи народот. Поради неефикасност, нереализирање на програмата, ќе бараме смена на господинот Груби“рече Меџити.
Груби, пак, во кратката изјава за медиумите го прокоментира денешниот ден како прекрасен и за ДУИ и за сите граѓани.
Почна првата седница на новото претседателство на ДУИ: Османи не очекува некој од министрите да ја напушти функцијата, Меџити најави дека ќе се бара смена на Груби
Реорганизацијата на партијата почна откако во септември т.н. „огнена група“ побара реформи во ДУИ. По неколку средби на претседателот Али Ахмети со ограноците се одржа Централен совет на кој се избра новото претседателство, во кое дел од „огнените” добија високи партиски позиции.