Домашни и странски центри на моќ ја палат Македонија?
Денко Малески
Никогаш, после деведесеттите, не сум бил толку замислен над иднината на државата како вчера кога премиерот Мицковски изјави дека зад серијата пожари стојат домашни и странски центри на моќ. Домашни болни луѓе, пиромани, уште така-така. Па макар и во служба на домашни центри на моќ. Ама странски центри на моќ кои сакаат да ја запалат Македонија? Проблемот е што верувам дека се е можно по делумното повлекување на американската моќ од Балканот, па и тоа дека некој сака да ја запали нашата држава.
Лесно е да се отфрлат овие тврдења за надворешен заговор во меѓупартиската жестока конфронтација на власта со опозицијата. Но, мислејќи со студена глава, сешто може да се очекува од „новото нормално“ на еден свет полн со неизвесности.Додека патролираше во својот униполарен момент, Америка, либералниот хегемон, беше обвинувана дека е светскиот полицаец. Се плашам дека сега сме на прагот да искусиме како изгледаат темните балкански сокаци без полицаец.
Додека дома, со поддршка на народот, владата има шанса да се справи со пироманите, како осамена мала држава, тешко би се справила со заговор од надвор. И заговор од кого? Кој тоа сака „оваа влада да не успее“? Брисел и Вашингтон кои се лути заради пореметувањето на нивните геополитички планови за преговори и членство на Македонија во ЕУ? Тајните служби на земјите на ЕУ на кои не им одговара политиката на блискост на Скопје со Белград и Будимпешта? Бугарија која има отворен проблем со нас? Што и да е причината излезот, спасот, како да е еден. Како во приказната на истакнат претставник на партизанската генерација кој поминал низ пеколот на Февруарскиот поход за време на Втората светска војна. „Држи чекор со бригадата по секоја цена оти ако заостанеш волци ќе те изедат“, ми вели тој за својата борба да преживее. Ние, пак, не разбравме дека Февруарскиот поход на нашиве генерации е членството во ЕУ и дека колку повеќе заостануваме толку сме поизложени на опасноста разни „волци да не изедат“. И да не заборавиме на најголемиот „волк“ кој самите го одгаивме со заостанувањето во примената на еколошките и другите стандарди на Унијата во нашата земја.