Донација од над 70 воени возила за Армијата на Северна Македонија, најави норвешкиот министер за одбрана Бјорн Арилд Грам
Над 70 воени возила како донација, најави денеска норвешкиот министер за одбрана, Бјорн Арилд Грам, на заедничката прес-конференција во Скопје со министерката за одбрана, Славјанка Петровска. На прес-конференцијата тој говореше за досегашната соработка во сферата на одбрана меѓу двете земји, но и за она што може понатаму да се стори. Истакна дека Северна Македонија и Норвешка одбележуваат 30 годишнина од, како што ги окарактеризира, силни и позитивни дипломатски односи, а врските меѓу двете земји, дополнително се зајакнале со приемот на Северна Македонија во НАТО.
-Да и соопштам на мојата колешка, министерката Петровска дека Норвешка им донира на вооружените на Северна Македонија повеќе од 70 воени возила. Норвешка исто така поддржа неколку програми во одбранбениот сектор во Северна Македонија за унапредување на родовите прашања, за проект за борба против корупцијата, интегритетот во одбраната. Очекуваме да ја продолжиме оваа соработка и во соработката со инженерскиот баталјон, како и во однос на зимската обука, алпинистичка обука. Исто така сме дел од балканските медицински воени сили. И разговаравме уште повеќе да ги интегрираме, да ја зајакнеме соработка помеѓу нашите сили во регионот, нагласи норвешкиот министер на прес-конференцијата во Министерството за одбрана.
Тој напомена дека двете држави се сојузници, кои тесно соработуваат и доколку има потреба и ќе се бранат една со друга.
-Многу е практично што во НАТО седиме едни до други, што на некој начин симболизира како стоиме рамо до рамо и во НАТО и во нашата билатерална одбранбена соработка, рече Грам, кој истакна дека денеска со Петровска меѓудругото разговарале и за главните предизвици на безбедносната политика со кои се соочува Европа во моментов.
Прашањето за активностите на НАТО биле високо на агендата на средбата во Скопје, а како што посочи Грам, тој и Петровска се согласиле дека рускиот напад врз Украина мора да биде дочекан со осуда.
-Војната во Украина би можела да се одоговлекува и од суштинско значење е да останеме обединети и да продолжиме со нашата силна поддршка на Украина во нивната борба, рече норвешкиот министер.
Петровска оцени дека изминатиот период двете држави имале конструктивна и плодна соработка, со реални и опипливи резултати. Таа со благодарност за поддршката, која Норвешка ја планира за оваа година, вклучувајќи ги и борбените и неборбените возила, кои се очекуваат следниот период, но исто така и со учеството за проекти за развој на Криволак и специфичната опрема со која ќе продолжи развивањето на Армијата.
-Областите со кои соработуваме со заеднички обуки и експертски разговори се за градење на нашите капацитети особено во контекст на целите на способности на НАТО, како и воена медицинската поддршка. Норвешка е земја партнер во рамките на балканските медицински сили, чие постојано седиште е во Република Северна Македонија и навистина ја цениме вашата поддршка на оваа иницијатива. Не така одамна за време на ковид кризата навистина многу ни помогнавте и ако вистинските пријатели се гледаат во најголемите кризи, со право Норвешка може да ја наречеме посветен и докажан пријател на Република Северна Македонија. Со ваша поддршка го означувам проектот со кој заедно го градиме интегритетот на министерствата, како еден од круцијалните програми, а истовремено го изградивме и Регионалниот центар за односи со јавност, кој во моментов е во фаза на инклузивен развој да прерасне во НАТО школа за односи со јавност. Тоа е центар од кој придобивка ќе имаат и Северна Македонија и Норвешка и останатите НАТО сојузници, истакна министерката Петровска.
Таа додаде дека двете земји, како членки на Алијансата се недвосмислена посветени на безбедноста на НАТО и на граѓаните во земјите-членки.
-Северна Македонија недвосмислено и одлучно ги ратификуваше пристапните протоколи и за Финска и за Шведска, уште еднаш потврдувајќи ја нашата заложба за политики на отворени врати на НАТО Алијансата кога станува збор за нејзиното проширување. Заедно ја осудивме бруталната руска агресија врз Украина и порачавме дека НАТО не е закана за никого, но НАТО е единствено и обединето од безбедноста на секоја педа сојузничка територија, рече Петровска.
Таа потсети дека Северна Македонија постојано инвестира во одбраната и оти е планирано следната година да го достигне сега минилниот праг од два проценти од БДП за одбранбениот буџетот, од кој над 30 отсто ќе бидат наменети за модернизација на силите.
Петровска го спомена и заедничкото учество во мировните мисии, нагласувајќи дека политичките односи меѓу двете земји се добри, но за неа поважно е развивањето на познанства и пријателства меѓу војниците на двете земји.
-Воено медицинските тимови во Авганистан учеа едни за други и едни од други и ја зголемуваа интероперабилноста и ги развиваа способностите на Северна Македонија, на Норвешка и на НАТО, истакна Петровска на заедничката прес-конференција со Грам.