Донаторот на угинатите коњи финансиски да обезбеди независна истрага, бара Анима Мунди
По угинувањето на три коњи кои се од загрозен вид, и по пријавата од вработен во ЗОО Скопје дека се сомнева како животните се отруени, денес се огласија од Анима Мунди, Здружение за заштита на животните.
Тие апелираат донаторот на коњите кои се од подвидот Пржевалски коњ, загрозен вид од кој во светот има околу 2.000 единки, финансиски да обезбеди надворешна и независна истрага, и аутопсија која не би можела да биде лажирана, со цел да се превенираат вакви случаи во иднина.
– Advertisements –
Бараат итно вештачење на снимките од камерите во зоолошката, но и информација дали и колку ветеринари ги лекуваат животните во ЗОО Скопје, и колку од нив се специјалисти за диви животни.
Сметаат дека е скандал што официјалното раководство се уште се нема произнесено по повод настанот.
-Згрозени, но не и изненадени од трагичната смрт на трите копитари во Зоолошка градинка Скопје и овој пат не би изостанале од осуда кон оваа институција која што низ годините единствено што докажа е некомпетентност да одржува во живот животни чие место не е позади решетки.
Неприфатливо е да исклучително ретки животни на раб на истребување, безумно завршат во субстандардна зоолошка во Македонија – која патем го загуби и кандидатскиот статус за членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА) – и умрат едно по едно во ист ден.
Досега официјалното раководство до моментов се нема произнесено за ништо, што е рамно на скандал.
Не реагиравме вчера со цел да добиеме појасна слика за она што се случило. Добивме индиции за тоа дека во ЗОО Скопје работи таков кадар, што е можно и самиот да ги убил, отрул животните. Повторуваме, се укажува на можноста вработени поединци сами намерно да одлучиле да ги убијат- реагираат од здружението.
Нивите барања се следните:
1. Бараме итно да се вештачат снимките од сите камери во ЗОО Скопје, доколку изостанува видео надзор во институцијата, најстроги казни за раководството
2. Бараме информација дали и колку од ветеринарните лица во ЗОО Скопје се доктори специјалисти за лекување на диви животни, доколку такви воопшто има
3. Бараме итна надворешна и независна истрага, аутопсија која не би можела да биде лажирана, го повикуваме донаторот на трите коњи овој пат да ја обезбеди финансиски, за да се превенира во најмала рака и други животни да завршат „донирани“’ на овој начин, во оваа недојдија!
4. Бараме мораториум на внес на нови животни
5. Дивите животни не се украс, атракција и експонати туку живи суштества и со третманот кој што го добиваат во зоолошката градина се единствено изложени на стрес, страв и страдање, неприродни за природниот хабитат од кој примарно потекнуваат. Склони се на самоповредување, бавно умирање, тешка депресија. Не поддржувајте и не посетувајте животни зад решетки и Зоолошки за животни-истакнуваат од Анима Мунди.
Настанот со угинатите коњи кои пред 12 години Скопје ЗОО ги добила како донација од странска компанија ја вознемири јавноста, која е во очекување на официјални информации.
Досега в.д. директорот на зоолошката, Зоран Попов, единствено кратко изјави за ,,Фокус” дека се чекаат официјални резултати од обдукцијата на животните, по што јавноста ќе биде информирана.