Донесена Одлуката за Одборот за наградата „11 Октомври”, опозицијата не даде поддршка

Собранието на Република Северна Македонија ја донесе Одлуката за разрешување и именување претседател и членови на Одборот за доделување на Државната награда „11 Октомври”.

Одлуката не доби поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Тие изнесоа забелешки и негодувања на изборот на членовите на Одборот.

Како што рече Ане Лашковска, изборот е партиски, додека според Гордана Силјановска Давкова, меѓу членовите на Одборот има и такви кои „во својата професија не може да се каже дека се врвни“, а треба да одлучуваат кој да ја добие оваа висока државна награда.

-Останувам на тврдењето дека во оваа Комисија и овојпат има луѓе кои веќе два пати се „разрешени“ за повторно да бидат именувани, дека има лица кои не би можеле да одлучуваат за награда за животно дела и дека навистина би сакала да видам меѓу наградените човек кој влегува во еден или два процента во својата наука. Не е убаво кога слушаме дека овој состав го избрал човекот кој ќе ја добие наградата. Наброивте многу лауреати, но меѓу нив има многу млади кои се на почетокот на својата кариера. Животно дело да биде крунисано со ваква награда значи зад вас да има многу години творештво и успеси. Прво, во составот во овие три години забележувам членови кои се констатнти и членови кои се варијабилни. Меѓу константните има и такви кои во својата професија не може да кажеме дека се врвни и дека може да одлучуваат кој треба да ја добие наградата. Не смее да биде поважно кој ве бира од тоа кои сте. Второ, крајно невообичаено е лауреатката од лани сега да биде претседателка, укажа Силјановска Давкова.

Таа потенцира и дека во Законот за државните награди нема ограничување на мандатите на комисиите.

-Нема ограничување колку мандати може да бидете бирани, односно реизбирани. Извинете, но дури и на најважните функции има ограничување, најмногу два пати, а Венецијанската комисија вели „на сите функции е најдобро да има еден мандат за да може друг профил луѓе исто толку вреден, да бира“. Би сакала да предочам и на Одлуката „за разрешување и именување претседател и членови’. Овде некој има проблем со правото. Се разрешува некој тогаш кога ќе даде оставка или тогаш кога ќе ја злоупотреби феункцијата. Не е разрешување истекувањето на мандатот, објасни Силјановска Давкова.

Реплицираше пратеникот од СДСМ Диме Велковски.

-Ќе ве демантирам во две работи. Знам дека ќе се согласите, зашто ниту еден од добитниците не е млад. Лани добитник на наградата беше професорот Методи Чепреганов, во 2021-ва Атанас Вангелов, академик Љупчо Коцарев во 2019 година, во 2018 година Драги Михајловски, Петре Арсовки и Ристо Лазараов, во 2017 година Влатко Стефановски. Рековте и дека не било пракса тој што бил претседател да мора да ја има добиено Одлуката. Не сте во право. Во 2014 година под раководство на Одборот со кој претседава Митко Маџунков, наградара ја добива академик Катица Ќулавкова, а во 2015 година претседател на Одборот е Ќулавкова, а наградата ја добива Маџунков. Не ви држи констатацијата, кажувате нешто што не е вистина, рече Велковски.

На тоа Силјановска Давкова му возврати дека не зборува за лауреатите, туку за составот на Комисијата.

-Прочитајте го составот на Комисијата. Ние не бираме лауреат овде па да зборувате за нив, ние бираме Комисија која ќе избере лауреат. Еве го составот: претседателка Линдита Ахмети, ланската лауреатка, успешна млада жена, проф. др. Славица Србиновска, проф. др. Горан Коевски, Ана Мартиновска, Атанас Костовски, Сена Ариф, Бајруш Мајаку, Зоран Кардула, Марионка Велјановска, Синоличка Трпкова исто по трет пат, рече  Силјановска Давкова.

За Лашковска, ова што се случува е непрофесионално.

-Во почетокот на јули завршил мандатот на претходниот Одбор за доделување на наградата. Денес е 19 септември, а ние се уште немаме Одбор. СДСМ како да сака да ја уништи историјата, културата и традицијата. Денес, 19 септември, имаме Предлог-одлука која ја добивме вчера за членови на Одборот за наградата која треба да се додели за околу две недели, за две недели треба да бидат избрани луѓето кои ќе ја добијат оваа награда која е меѓу првите за животно дело, од 1959 година. Претпоставувакм дека се работело за некакви партиски превирања зашто има промена само на претседателот на Одборот кој веројатно не бил подобен и на уште двајца членови. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да го поддржи овој предложен Одбор за доделување на наградата „11 Октомври“, истакна Лашковска.

И на неа и реплицираше Велковски.

-Сакам да ве демантирам, рековте дека се партизира Одборот на некој начин. Ова е една од најголемите државни награди, не се согласувам дека ако се променат двајца членови, се менува целиот Одбор зашто, да ве потсетам, Комисијата од минатата година е иста и сега, само се менуваат двајца членови, се додаваат проф. др. Ана Мартиновска од Инстутот за македонска книжевност и проф. др. Блажо Боев од Факултетот за природни и технички науки при УГД – Штип каде беше многу години и ректор и кој не е член на СДСМ. Овие двајца нови членови на старата Комисија ниту можат нешто да променат, ниту некој сака да промени. Не треба да се прејудицира на нешто што навистина нема врска, нагласи Велковски.

Собранието потоа ја донесе и Одлуката за изменување на Одлуката за именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда 23 Октомври.

По оваа точка претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата и најави дека утре пратениците ќе продолжат со работа по 25. седница. 

Back to top button
Close