Донирани нови 287 лектири во неготинската библиотека 

Нови 287 книги, училишна литература за основно образование беа донирани денеска во неготинската Градска библиотека „Страшо Пинџур“ од Ротари клуб Неготино.
Од Клубот изјавија дека поддршката на образованието е еден од постулатите на кој се заснова ротаријанството.
-Со ова се надеваме дека дополнително ќе ги поттикнеме учениците да создаваат навика за читање и љубов кон книгата, нешто кое претставува сигурен пат кон развојот и градење на здрава личност,  нагласи Душан Костурски, претседател на Ротари клуб Неготино.
Благодарност за донацијата, изрази Катерина Данаилова, директорка на библиотеката.
– Големината на оваа донација ја гледаме и во препознавањето на суштината на библиотечниот лектирен фонд  наменет за најмалите, кој покрај тоа што претставува  иницијација  во светот на книгите и креативноста, ја има и најважната, едукативна компонента, која трајно се проткајува, позитивно влијае и ги насочува децата да ги ценат вистинските животни и општествени вредности, додаде директорката.
Од Ротари клуб Неготино рекоа дека продолжуваат со поддршка на образованието се со цел унапредување и создавање на подобри услови.
– Се надеваме дека ќе бидат поттикнати и други општествено одговорни субјекти, кои несебично би придонеле за развој на заедницата во која сите ние живееме, додадоа од Клубот.

Back to top button
Close