Допрва ќе се одмотува „филмот“ во AНБ

Дали Агенцијата за национална безбедност (АНБ) е институција длабоко партизирана од ВМРО-ДПМНЕ, како што критикуваат од СДСМ, или била партизирана во мандатот на СДСМ, а притоа и тешко злоупотребена за следење на политички опоненти?

Од СДСМ повеќе пати реагираа на изборот на новиот директор на АНБ, на неговите стручни квалификации, на именување партиски кадри во граѓанскиот совет за надзор на комуникациите, и изразуваа стравување од можни злоуопотреби на службите за безбедност за следења и прислушкувања, како што се случувало во минатото.

„AНБ е веќе партиска институција на ВМРО-ДПМНЕ со поставувањето на целосно нелегитимниот директор без никакви квалификации. Во граѓанскиот совет за надзор на комуникациите се поставени луѓе кои имаат партиски книшки на ВМРО-ДПМНЕ“, рече претседателот на СДСМ Венко Филипче во оценката за шестмесечното работење на новата Влада.

Но, досега од СДСМ не одговорија на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, дека во мандатот на СДСМ за директор на АНБ беше именувано лице со партиски стаж кај социјалдемократите – во Извршниот одбор и во партиски комисии. Не одговорија зошто граѓанскиот надзор никогаш не профункционира додека тие беа на власт, иако тоа тело беше предвидено со закон.

Со поставувањето на новиот директор, AНБ е веќе партиска институција на ВМРО-ДПМНЕ, критикува лидерот на опозициската СДСМ, Венко ФилипчеСо поставувањето на новиот директор, AНБ е веќе партиска институција на ВМРО-ДПМНЕ, критикува лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче

А не одговорија и на темата што во неколку наврати ја отвори премиерот Мицкоски. Според него – и после големата афера што потоа стана предмет на судска постапка (Трагет-тврдина), некој продолжил со слични злоупотреби. Мицкоски рече дека бил физички следен како претседател на опозициска партија.

„Се сеќавате на оној проект ‘вистината за Македонија’? Ќе ја видите невистината на тие што правеле околу прислушкувањето и ќе се срамите, и ќе излезете да се извините, затоа што во услови на фашистички режими не се следеле и прислушкувале луѓе кои водат опозициски партии. Убеден сум дека дел од последното раководство на СДСМ не знаеле, но дел го правеле за злоупотреба и лична агенда. Но тоа што се случувало ќе ве згрози, какви мерки се преземале, физичко следење и употреба на недозволени методи“, рече Мицкоски на 28-ми ноември одговарајќи и на пратеничко прашање.

 

Измислена информација – алиби за следење

Вчера повторно одговараше на пратеничко прашање и откри дека според декласифициран Извештај за работата на АНБ, од тогашните безбедносни служби тој бил назначен како организатор на параполициска воена вооружана формација и бил физички следен, не само тој туку и неговите два малолетни сина и сопругата.

„Една од неколкуте институции кои што треба да се занимаваат со безбедноста на државата, наместо да се занимава со безбедноста на Македонија, се занимавала со физичко следење на претседателот на најголемата опозициска партија. И тоа го правеле на многу интересен начин. Како? Измислуваат извор во случајот „Цилиндар“, кој што според нив, доставува веродостојна информација.

Конкретно таква информација доставил од почетокот на 2020 година, чудно тоа коинцидира со изборите кои што тогаш се случуваат, во која што вели, внимавајте – пара полициско воено вооружена формација (…) е составена од македонски радикални екстремни и националистички настроени државјани кои имаат за цел во предизборието да вршат заплашување и закани на македонски граѓани за да издејствуваат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ. И ова е многу интересно – нарачател и финансиер на оваа параполициско воено вооружена формација на македонски радикални екстремни и националистички настроени елементи, е професор д-р Христијан Мицкоски“, рече премиерот.

 

Крај на злоупотребите

Според Мицкоски, точно се знае кои се тие што тоа го работеле, и на кого таквите „информации“ им служеле како покритие за да може физички да ги следат сите. Тој наведува и други невистини што изворот наречен „Цилиндар“ ги доставувал за него до службата, но и дека бил следен и во 2021 година за време на локалните избори, само што изворот тогаш не бил „Цилиндар“ туку „Џокер“.

„Џокер“ реферирал дека Мицкоски во еден манастир се сретнал со припадници на патриотско друштво, а средбата не била случајна, туку со цел да ја нарушуваат безбедноста и стабилноста на Македонија.

„Дали ова се европските вредности кои ги промовираше тогашната власт на СДСМ и ДУИ”, праша Мицкоски. Тој потенцира дека преку реформи еднаш засекогаш мора да се стави крај на тие злоупотреби со безбедносните служби и дека тие што го следеле него и неговите деца ќе одговараат за постапката.

Прислушувањето од страна на тајните служби веќе еднаш предизвика голем скандалПрислушувањето од страна на тајните служби веќе еднаш предизвика голем скандал

Прислушувањето од страна на тајните служби веќе еднаш предизвика голем скандалФотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

СДСМ формално спроведе реформа во безбедносниот сектор, ги одзеде ингеренциите за следење на комуникациите од поранешната УБК, ја формираше Оперативно -техничката агенција (ОТА) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Но, без санкции остана најголемата афера со прислушување што СДСМ ја обелодени во 2016 година, во која беа опфатени над 20.000 граѓани. Со измени на Кривичниот законик беше потпомогното застарувањето на предметот, а во што претходно длабоко инвестираше и апелациски судија кој заради тоа е ставен на црна листа. За степенот на „реформираност“ на службите говореа и повеќе неспречени скандали кои претходно мазно го поминале безбедносниот филтер, меѓу кои најпознати се скандалозниот случај „пасоши за криминалци“ и случајот Онишченко.(dw)

Back to top button
Close