Досега 15 средни и 21 основно училиште побарале да организираат настава со физичко присуство
Досега 36 училишта, од кои 15 се средни и 21 основно, поднеле барања за дозвола да организираат настава со физичко присуство. Денеска истекува докот за доставување на барањата, кои ги разгледува владина комисија, по што ќе даде конечна оценка дали можат да огранизираат настава со физичко присуство согласно здравствените протоколи за фунционирање во време на КОВИД-19 пандемија.
– Денеска е конечниот рок, значи се уште може да пристигнуваат и дополнително, имаме обврска да почекаме три дена за да стасаат и оние кои се испратени по пошта. Комисијата тековно ги работи како пристигнуваат. Веројатно на следната владина седница овие коишто досега се пристигнати ќе поминат и веднаш оние коишто ќе стигнат по пошта ќе бидат исто така поминати на владина седница за училиштата да може да добијат конечни одговори. Секако дека училиштата се подготвуваат, и оние коишто поднеле барање за физичко присуство и оние за онлајн настава, заради тоа што епидемиолошката слика може да се менува и е динамичен процес, така што ни е важно сите тие да бидат подготвени и за онјалн настава, рече министерката за образование и наука Мила Царовска, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Таа појасни дека владината комисија е составена од претставници на Кабинетот на претседателот на Владата, на министерствата за образование и наука и за здравство и на Комисијата за заразни болести и оти таа индливидуално одлучува за секое поднесено барање.
– Секако дека пооптоварените училишта, поголемите училишта кои имаат многу ученици се ризик за отпочнување со физичко присуство. Но, сепак, јас не би сакала да ја коментирам работата, ниту на владината Комисија, сакам тие да ги донесат одлуките и ние како институција која што ги креира политиките во делот на образованието ќе ги спроведеме како конечни, рече министерката Царовска.
Одговарајќи на новинарско прашање дали може да се јави недостиг на кадар во училиштата, бидејќи и таму има родители на деца помали од шест години, министерката рече дека одлуката за ослободување од работа во секој момент може да претрпи измени.
– Тоа е одлука која што е донесена од страна на Владата и која што во секој момент може да претрпи одредени измени согласно новите случувања, како што се случуваше и за хронично болните, како што се потврди да кажеме одлуката за бремените, но тоа е, исто така, динамички процес. Владата согласно околностите одлучува одредени лица да се вратат или не се вратат на работа. За децата кои беа во градинка родителите беа ослободени. За децата кои што беа во училиште одлката за ослободување на родителите беше променета кога заврши школската година, истакна министерката за образование и наука.
Во врска со можноста за отворање на ученичките и студентските домови, Царовска информира дека протоколите се подготвени и се на разгледување во Комисијата за заразни болести. Штом ќе имаме официјален став од Комисијата за заразни болести, рече министерката, ќе ја известиме јавноста.