Досега 577 институции ги пријавиле возилата во ДКСК, над 900 сè уште не го сториле тоа
Уште 142 државни институции испратиле податоци до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за службените возила со кои располагаат, со што вкупниот број на јавните установи што ја исполниле оваа обрвска се искачи на 577, објави телевизија Телма.
Рокот за пријавувањето на возилата беше до 20 август што значи дека овие 142 установи го сториле тоа со задоцнување.
Сепак, ова значи дека повеќе од 900 институции сè уште не доставиле податоци, односно обврската ја исполниле едвај една третина.
Според податоците што ДКСК ги добила од Централниот регистар, има 1 511 правни лица што располагаат со државен капитал, министерства, општини, агенции, дирекции, фондови и други институции основани од државата.
Инситуциите што задоцниле со пријавувањето, во регистарот на возила се обележани со ѕвезда.
За тоа колку од институциите располагаат со службени визила, а не ги пријавиле од ДКСК велат дека чекаат одговор од базите на Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Во соработка со МВР, во тек е прибавувањето на податоци од нивната евиденција, која се однесува на регистарските броеви на службените моторни возила на сите државни институции. На тој начин, точно ќе утврдиме и јавно ќе бидат достапни податоците за бројот на институции кои располагаат со службени моторни возила, број на возила на секоја институција, како и нивните регистерски таблици, бројот на институции кои располагаат со службени моторни возила, а не доставиле податоци до ДКСК. Сите овие податоци ќе ги објавиме на нашата веб-страница со што ќе бидат јавно достапни“, велат од ДКСК во одговор за Телма.
Инаку, според податоците од ДКСК, во Регистарот на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија или други правни лица што располагаaт со државен капитал во рамки на рокот предвиден со изборните дејствија за локалните избори на 19 октомври евидентирани се 1 916 возила пријавени од страна на повеќе институции.
Според ДКСК, институциите располагаат со околу 6 500 возила.
Државни органите, органите на локалната самоуправа, јавните претпријатија или други правни лица што располагаaт со државен капитал требаше да достават податоци за бројот, марката на возилото, година на производство, регистарски број и возна состојба до ДКСК најдоцна до 18 август.
Доколку правните лица не достават податоци за бројот, видот, регистарската таблица и возната состојба на моторните возила со кои расолагаат во предвидениот рок, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истек на рокот за доставување на податоците.
Евидентирањето на возилата на институциите се врши со цел тие да не се користат од страна на функционерите и други именувани и избрани лица за потребите на изборните кампањи.
По информацијата од ДКСК дека до истекот на рокот, на 18 август, биле пријавени 1 916 возила, од Владата ги потсетија институциите дека за помалку од еден месец ќе стапи во сила мерката за посебни ознаки на регистарските таблички на службените возила.
Според одлуката на Владата, до 15 септември сите службени возила треба да добијат специјални таблички во црвена боја.
Владината одлука беше донесена на 29 јули, а следуваше во период кога медиумите последователно нотираа повеќе случаи на злоупотреба на службените возила.
„360 степени“ кон средината на јули „ги фати“ државите автомобили на вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити и на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи близу партиски штаб, пред полноќ. Од Министерството за животна средина и просторно планирање кажаа дека вицепремиерите биле на состанок за владини политики. Прашан за случајот, премиерот Христијан Мицкоски тогаш кажа дека верува оти двајцата вицепремиери, кои се дел од ВЛЕН, биле на состанок за владини политики, но сепак, за да се увери, рече ќе ги прашал и лично.