ДОСТА Е!

Премиерот Христијан Мицкоски првата прес-конференција по кочанската трагедија ја почна со кажување како тој лично се чувствува. Затоа, сега е сосем непристојно кога Владата ни кажува како ние треба да се чувствуваме, како треба да тагуваме, дали треба да протестираме, како да протестираме, какви прашања треба да поставуваме… Па добога, на неколку дена пред пожарот, самиот Мицкоски беше спремен да дига народ на протестен марш против петмина членови на Судскиот совет на кои не им ги знаеме ни имињата, а сега стигаат пораки дека за 59 жртви и 200 повредени не било време за протести.

Владата треба да се држи на око. И треба да биде благодарна за тоа, ако сака да ја заврши работава до крај. Не само истрагата, туку промената на целиот коруптивен систем.

Би бил среќен ако власта која има суперстабилно парламентарно мнозинство би ја искористила моќта да направи коренити промени за добро владеење. Ама, би бил крајно несреќен ако таа моќ ја искористи за да задушува протести, поинакво мислење и информирање. Не беше баш толку одамна времето на етикетирање новинари, цртањето крукчиња на фотографиите на неистомислениците, тајното снимање и бодењето клинци на сликчиња во ТВ емисии на оние што ја критикува власта на ВМРО-ДПМНЕ во времето на Никола Груевски.

Ако ова ВМРО-ДПМНЕ прави така, тогаш и оваа лекција од Кочани не ја научиле. И овие 59 жртви се залудни.

Во моментов, Владата има „карт бланш“ ако вистински сака да направи промена. И има шанса одеднаш да ги доведе работите во ред без да им се правда на криминалците зошто го прави тоа. Ако сака вистински да се ослободи од 30-годишното заложништво од криминалците, сега му е мајката да им каже: Е па, доста е!

На крајот на краиштата, мора некој да ја контролира Владата ако тоа не сака да го прави Собранието. А пратениците сложно си дадоа две недели одмор. Ај што ја скокнаа седницата за пратенички прашања за да не се караат. Туку, претседателот Африм Гаши не ги свика пратениците ни за комеморативна седница. Ќе се собереа, ќе си земеа патни трошоци и ќе си одмолчеа една минута. Не само од почит кон жртвите, туку од почит кон гласачите.

Ама пратениците многу, многу одамна немаат почит кон оние што ги избираат. Тие имаат почит само кон партиските лидери што ги ставаат погоре на избирачките списоци. Наместо тие да им бидат шефови на министрите, оти тие ги избираат, ним им е шеф Владата.

Бидејќи пратениците се само обични горди партиски послушници, најдобро е Собранието да се состанува само кога се избира Владата. Ионака само формално ги гласа законите што ги предлага Владата, а не прифаќа закони предложени од опозицијата. Па дури и ако некој претходно изгласан закон не ѝ се допаѓа на актуелната власт, пратениците ќе си изгласаат автентично толкување како што ѝ одговара на Владата.

Тоа што Собранието не работи две недели не е некоја голема штета. Поголема штета прават ако работат.

Се сеќавам дека пред две-три години се отепавме пишувајќи оти Уставниот суд не бил комплетен. Демек, голема штета било државата да нема Уставен суд. И на крај, кога судот се комплетираше, првата работа што направија уставните судии беше – си ја зголемија нивната и платата на функционерите за 78 насто.

Така што, голем ќелепур што пратениците си зеле две недели одмор. Тие ионака не работат за интерес на граѓаните. Само за својот интерес си работат. А за тоа не мора ни да доаѓаат на работа.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК

Back to top button
Close