Доста е историја

Историјата стана најважната гранка во Македонија и Бугарија во услови кога добар дел од населението живее со минималец. Да се фокусираме на технологијата, растот на економијата, животната средина… Пишува Никола Тодоров за Дојче веле

Со големо внимание го следам развојот на настаните поврзани со нашите билатерални односи со Република Бугарија. Бугарија беше првата држава која ја призна македонската држава. Во раните деведесетти години на минатиот век,  главната битка на македонската влада и македонскиот политички врв беше што е можно повеќе држави да ја признаат нашата независност и тоа да го направат под уставното име доколку е тоа можно, а доколку не, тоа да го направат под привремената референца БЈРМ. Бугарија тогаш не’ призна под уставното име Република Македонија.

Проблемот со Бугарија е голем. И тежок. Базиран е на различно гледање или читање на историјата на двата народа. Бугарите сметаат дека ние пред да ја создадеме нашата држава сме биле Бугари, односно дека сме биле Бугари се’ додека Македонија не станала дел од поранешна СФРЈ. Бугарите тврдат дека пред тоа ние, Македонците, бидејќи сме немале посебна држава, не сме имале ни посебна нација. Бидејќи сме немале своја азбука, сме немале ни својјазик.Точно е дека нашата азбука е креирана подоцна, но точно е и дека не постои природна азбука, односно секоја азбука некој некогаш вештачки ја создал. Така е и со бугарската, со латинската, со кинеската, англиската.

Нешто помалку од два милиони Македонци тврдат дека Ѓорѓи Гоце Делчев е Македонец и дека не е Бугарин. Од друга страна, нешто повеќе од 8 милиони Бугари тврдат дека Ѓорѓи Гоце  Делчев е Бугарин и дека не е и никогаш не бил Македонец. Никој не може двата милиони Македонци, ниту осумте милиони Бугари да ги убеди во спротивното. Колку и да се преговара, попушта, прави отстапки, тие отстапки одат до црвената линија која на македонски значи „Гоце е Македонец“, а на бугарски значи „Гоце е Бугарин“. Сите се согласуваат околу една работа, а тоа е дека Гоце се борел и загинал за Македонија. Секој еден збор понатаму во оваа реченица е веќе отворање на проблем. Бугарите сметаат дека се борел за бугарска Македонија, а ние сметаме дека се борел за нашата Македонија. Велат дека бил офицер во бугарска армија, односно студирал на бугарската воената академија, учел во бугарско училиште и предавал во бугарско училиште во Штип во кое бил поставен и за директор. Азбуката на која Гоце пишувал и на која ги описменувал неговите ученици во Штип не е азбуката која подоцна ја утврдил Блаже Коневски, но не знам дали е идентична и со азбуката на која денес Бугарите пишуваат. Можеби е истата, или пак не е, но тоа треба да го потврдат историчарите и лингвистите. Заклучок: Ние велиме дека Гоце бил Македонец, тие велат дека бил Бугарин. И ние и тие велиме дека се борел и загинал за Македонија.

Д-р Христо Татарчев од Ресен е основачот на Македонската Револуционерна Организација. Бугарската историографија смета дека името на организацијата била Бугаро-Македоно-Одрински-револуционерни комитети. (БМОРК). И нашите историчари знаат дека името на организацијата во првите три години од нејзиното основање било тоа, БМОРК. Исто како што и ние и Бугарите знаеме дека основачот, д-р Христо Татарчев, оставил своерачен тестамент во судот во Торино, Италија, со кој ја изразил својата последна волја, својот имот да го остави на сопругата Софија, а по нејзината смрт, се’ што ќе остане да стане сопственост на кукушката и ресенската општина, само под услов доколку се во рамки на голема Бугарија, а ако не се, тогаш на кој било друг град во Бугарија. Заклучок: Ние велиме д-р Татарчев бил Македонец, тие велат бил Бугарин. И ние и тие тврдиме дека се борел за Македонија.

Јане Сандански, пиринскиот цар, на Рилскиот конгрес во 1905 година рекол: „Mакедонскиот народ е самостоен народ кој има право на самостоен живот”, како и дека: „Tреба да се борат за извојување на својата слобода без да се надеваат на туѓа помош, зошто оние кои ќе дојдат да ги ослободат, всушност ќе дојдат да не’ заробат.” Истиот тој Јане Сандански заедно со солунчанецот Димитар Влахов ја основале Народната федеративна партија (бугарска секција). Заклучок: Ние велиме бил Македонец, тие велат бил Бугарин. Но и ние и тие се согласуваме дека се борел и загинал за Македонија.

Да простиме

Вака можам да набројувам уште многу револуционери од тој период. Има многу аргументи, докази и факти со кои можеме да ја спориме позицијата на другата страна. За жал, вистината е дека и тие имаат многу аргументи, докази и факти со кои можат да ја спорат нашата теза. И така можеме уште 100 години. А зошто да не – уште илјада години. Па да се вратиме во времето на Јоаким Дебарски (Дебранин), првиот архиепископ на Охридската архиепископија. Византискиот василевс Василиј II со својата прва царска сигилија, снижувајќи го рангот на Охридската црква од патријаршија во архиепископија, го поставил монахот Јован Дебранин за архиепископ на Охридската архиепископија. Ова е направено со три укази (сигилија, грамота) потпишани од Василиј Втори. Ние сме учеле дека Василиј Втори Македонецот бил лош и дека сакал да го уништи македонското самоилово царство. Кога го уништил, и ги ослепел војниците, па на секој стоти му оставил по едно око за да ги води дома, ја оформил Охридската архиепископија, која ние се’ уште ја славиме и со која се гордееме, и за прв архиепископ бил поставен Јоаким Дебарски (Дебранин) кој пак, го основал Бигорскиот манастир со кој ние исто така многу се гордееме. Зошто Василиј Втори во светската историографија бил познат како Василиј Втори Македонецот, а откако го победил македонскиот цар Самоил го добил прекарот „Бугароубиец”, мене не ми е познато. Тоа треба да го одговорат историчарите.

Јас сум Македонец, се гордеам со тоа и се’ би дал за мојата, за нашата татковина Македонија. И татко ми и мајка ми се Македонци, родени во Скопје. И нивните предци, моите баба и дедо исто така. Луѓето од другата страна на границата се Бугари и се’ би дале за нивната татковина Бугарија. Ако Македонецот треба да бира помеѓу Македонија или Бугарија, ќе ја одбере Македонија, исто како и Бугаринот што ќе ја одбере Бугарија. Факт е и дека за време на комунизмот учевме да ја мразиме Бугарија. Дека тие се фашисти и окупатори. И Германците и Италијанците биле фашисти и окупатори, ама нив не учевме да ги мразиме. Во Кавадарци се’ уште е свеж споменот за 12-те ваташки другари кои биле убиени од бугарскиот фашистички окупатор и поради тоа, во некои кругови, се’ уште е жива омразата кон Бугарите. Фактот што човекот што наредил да се стрелаат е од Крива Паланка, никој не го ни споменува. Истовремено, никој во Кавадарци не ги мрази Србите заради над илјада (1.000) брутално убиени и/или мачени Македонци и/или силувани Македонки за време на Тиквешкото востание. И знаете што, добро е што не ги мразиме. Јас не мислам дека треба да ги мразиме Србите заради тоа што се случило во 1913 година, исто како што не треба да ги мразиме ниту Бугарите за тоа што се случило во 1943 година. Ако сме им простиле на Србите, треба да им простиме и на Бугарите. Не да заборавиме, туку да простиме. Ниту сите Срби биле лоши, ниту сите Бугари биле фашисти.

Да заклучиме, 2 милиони Македонци наспроти 8 милиони Бугари, со спротивставен став за секое можно историско прашање, освен за едно: Дека многу наши дејци се бореле, а дел и загинале за Македонија. Ова значи дека постојат 10 милиони Македонци и Бугари кои сметаат дека Гоце живеел, се борел и загинал за Македонија. Ајде да се фатиме за ова. Ајде да се обединиме околу борбата и жртвата на Гоце Делчев. А потоа откако ќе престанеме да се занимаваме со личности и дејствија кои се одиграле пред век, два или пред десет векови, да седнеме и да видиме како ние и нашите деца од двете страни на границата да почнеме да живееме подобро. Како да направиме брза железница од Скопје до Софија, па да можеме да стигнеме во Софија за еден час. Како да направиме автопат до Софија, како заедно да користиме европски фондови за развој на науката, образованието и медицината. Како заедно да привлечеме некој гигант да направи фабрика во која од источната страна ќе се влегува од територијата на Бугарија, а од западната страна на фабриката ќе се влегува од територијата на Македонија. Во која ќе работат Македонци и Бугари кои меѓусебно ќе комуницираат без преведувач, исто како што Македонците без преведувач можат да се разберат со Србите, Хрватите и Црногорците. Заедно да работиме, битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“, основан 1979 година, со софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, основан 1888 година, да бидат меѓу првите 200 најдобро рангирани универзитети во светот според Шангајската листа. Заедно да направиме атомска централа која ќе ги снабдува Македонија и Бугарија со поевтина струја и во која ќе работат и Македонци и Бугари. Младите Македонци да можат бесплатно да студираат на бугарски, англиски или француски на софискиот универзитет исто како што ќе можат младите Бугари да студираат на македонски, германски или англиски на скопскиот универзитет. Една вечер да излезат во Софија, другата во Скопје, третата во Солун. Ако има брза железница, за еден час може да бидеме во Солун или Софија, за два часа во Белград. Вака живеат Европејците. Прашањето е дали ние сакаме да бидеме Европејци или прости и назадни Балканци.

Нов фокус

Политичарите кои се занимаваат со историјата го прават тоа зашто се неспособни да изградат брза железница, атомска централа, технолошки парк, модерни фабрики, патишта и подобар животен стандард. Или пак, почнуваат да се занимаваат со историјата кога ќе ги фатат дека крадат, па тогаш за да не бидат крадци, стануваат патриоти. Тие неспособни политичари или клептократи се занимаваат со продажба на демагогија и сеење омраза и раздор меѓу народите. Ова е една од главните причини што и од двете страни на границата има луѓе, а особено млади, кои едноставно не можат веќе да си ги поднесат своите држави и политичари, па бегаат во Европа или Америка. Не само по повисоки плати и стандард, туку поради тоа што бараат нормалност.

Затоа, аман, доста историја! Историјата стана најважната гранка и наука во Македонија и Бугарија, во услови кога добар дел од популацијата живее со помалку од 7-8 евра на ден. Наместо главна преокупација да ни бидат технологијата, растот на економијата, благосостојбата, животната средина, нас не’ преокупира историјата. Односно, вас ве преокупира историјата. Зашто просечниот граѓанин го тишти нешто сосема друго.

Еве, ако кажеме дека Гоце е Бугарин, што со тоа ќе добијат Бугарите? Подобар стандард? Повеќе пари? Ние Македонците ќе станеме Бугари? Ќе почнеме наеднаш да ги сакаме Бугарите? Или пак поради тоа ЕУ ќе им ги зголеми ЕУ-фондовите што масовно се крадат, само затоа што се докажало дека Гоце, кој живеел, се борел и умрел пред 117 години бил Бугарин? Никој не се потресе ниту во Европа ниту во светот поради тоа. Затоа браќа Македонци, браќа Бугари, браќа Срби, Хрвати, Црногорци, Словенци, оставете ја историјата и гледајте ја сегашноста и иднината.

Предлагам:

1. Да се распушти мешовитата комисија за историја и да се формира мешовита комисија од најдобрите македонски и бугарски архитекти и градежници кои ќе почнат да работат на проектирање и изградба на брза железница и автопат од Софија до Скопје;

2. Формирање на бугарско-македонски, европски научно образовен фонд од 100 милиони евра, преку кој ќе се финансираат научни и образовни проекти на македонските и бугарските доктори на науки;

3. Формирање на тим од правници во областа на меѓународното право кои ќе најдат можно решение како и пред да влеземе во Шенген и пред Македонија да влезе во ЕУ, македонските и бугарските граѓани да можат слободно да се движат во двете држави без ограничувања и граници;

4. Формирање на заедничка аграрно-економска група кој ќе работи на најсовремено земјоделско производство, промоција на извозот и заеднички настап на европските и светските пазари на храна;

5. Формирање на мешовита комисија за негување и промоција на старословенската култура, писмо, обичаи и вредности во Европа и светот;

6. Формирање на заеднички venture capital fund преку кој ќе се финансираат иновативни бизниси, базирани на нови пронајдоци или нови технологии.

Ајде да не бидеме жртви на прости и назадни Балканци, туку да покажеме дека сме модерни Европејци. И ако некој ми каже дека ова е утопија и дека идеализирам, онака сочно, на македонски ќе го опцујам.

Колумнава е напишана на 23 Октомври 2020 година. Нека ни е среќен денот на македонската револуционерна борба.

Преземено од Дојче веле

 

Back to top button
Close