Доста плачете, донесете решенија
Дали Македонија сака да биде членка на ЕУ е сосема непотребно прашање ако се земат предвид стотици досегашни анкети на јавното мислење направени во изминатите години, повеќе од три децении. Граѓаните на Македонија дури во поголем процент од повеќето земји членки на Унијата постојано, со мали осцилации од неколку проценти, се определени за припадност на европското семејство. Неверојатно, но сосема точно.
Последното истражување на јавното мислење кажува дека 62 проценти од граѓаните на Македонија се за членство во ЕУ (што ги изненадува и европските политичари) како извонредно голем процент после сѐ што се случува со години на реалацијата ЕУ- Македонија и по сите вета, неочекувани промени на правилата и неправди што ни се нанесени. Меѓутоа, кога ќе се постават прашањата за условите кои треба да се исполнат тоа да се случи, тука веќе политиката, политичките партии и лидери, владите, премиерите, претседателите на државата, собраниските состави имаат дијаметрално спротивставени ставови кои се со пресудно влијание и на јавното мислење поради отстапките кои се направени и кои треба да се направат за припадност на Унијата. Поради тие разлики, кои во јавноста се пропагираат драматично како предавство на националните интереси и губење на идентитетот и прераснуваат во поделби и омраза во Македонија, се добиваат и губат избори.
За да се добие, или изгуби власта, се разбира, има и многу други причини, но во суштина се поврзани се неостварување на реформите кои ги бара ЕУ од кандидатите за членство, но истите промени ги бараат и граѓаните на Македонија, а ги ветуваат и сите релевантни политички партии во своите предизборни кампањи и партиски програмски определби.
Ветуваат, ама не остваруваат
Нашите политичари ветуваат повеќе и од она што бара ЕУ, но не ги остваруваат. Тоа се добро познатите услови за владеење на правото, ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал, побрз развој на демократските процеси, слободни медиуми, економски реформи, реформи во здравството, образованието, администрацијата, културата, земјоделството, заштита на човековата средина и еден куп други услови кои секоја година стануваат побројни и кои треба да се исполнат за да се стане членка на ЕУ. За Македонија нема протекција како за некои други земји, се бара исполнување на сите услови.
На нашиот пат за Европа главните аргументи што ги поставува политиката на сегашната власт пред домашната и европската јавност се неправдите што ни се нанесуваат од соседите, од ЕУ, но и од оние домашни политички партии и нивните приврзаници кои се согласуваат со компромисите и остапките што ги прифатиле. Резултатот е познат – тие што ги прифатија компромисите со Грција и со Бугарија, без оглед на членството во НАТО и приближувањето кон ЕУ со почетокот на преговорите, се предавници и домашни непријатели. А, тие што се против и ги блокираа понатамошните преговори и се за статус-кво со ветувања и огнени патриотски говори, дома и по светот, се за исправање на неправдите, тие се нашите херои кои ни ја враќаат гордоста и достоинството.
Навистина, јавните настапи на премиерот Христијан Мицкоски и партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ за неправдите кои евидентно ни се направени имаат голема поддршка во јавноста и успешно ги прикриваат штетите што самите си ги правиме за изгубеното време кое е главниот, најскапиот и најопасниот фактор за неизвесната иднина на Македонија.
Особено сега кога и Европа се соочува со својата неизвесност и е во потрага по поголемо единство и за првпат по 12 години, по приемот на Хрватска за 28 членка на Унијата, е подготвена за проширување и прием на нови членки со најава дека први од Западен Балкан во наредните две до три години ќе бидат примени Црна Гора и Албанија.
Суштинско прашање на кое власта треба да даде јасен одговор дали и натаму ќе плаче за неправдите и ќе бара гаранции од ЕУ, од соседите и од Америка кои не може да ги добие, или ќе се донесат одлуките за уставните измени за влез на Бугарите заедно со Хрватите, Црногорците, Евреите во Уставот и ќе ги остварува реформите кои се главниот предуслов не само за членство ЕУ, туку и за побрз развој на Македонија.
Неопходна е нова ера на односите во државата
Власта го има потребното мнозинство и поддршката од опозицијата да се донесат сите неопходни одлуки за остварување на државните стратегиски одлуки. Тоа би означило нова ера на односите внатре во државата бидејќи во тој случај политичкиот натпревар би се одвивал и би се вреднувал од јавноста од брзината на остварување на предвидените реформи за кои толку многу се залагаат сите, ама само на зборови.
Ја знаеме цената на остапките и компромисите, но никој не ја пресметал цената што Македонија не е членка на ЕУ уште пред 15 и повеќе години, кога условите за членство беа многу поповолни и без уставни промени на името на државата. Таа цена и не може да се пресмета. Истата додавка, Република Северна Македонија, само за надворешна употреба беше на преговарачкаката маса како услов за непопречувано членство во ЕУ и во НАТО. Ја одбивме со индигнација, па го добивме ерга омнес за сите употреби.
Која е гаранцијата дека нема да следат уште потешки условувања од типот земи или остави, ако дојде до веќе најавените геостратегиски промени во Европа и во светот со неизвесноста на новата американска политика на претседателот Доналд Трамп од која се ужасува Европа и светот, а нашата власт покажува нескриено одушевување.
Ветувањата на премиерот Мицкоски и новата влада дека немаме друга алтернатива освен членството во ЕУ веќе не се спомнуваат, а зачестија и се обновија идеите дека секогаш постојат и други алтернативи. Тоа се соопштува на еден прикриен начин со тезите дека Европа е во неизвесност и дека е пред распад и дека влегува во сериозна политичка и економска криза, па сега ние треба да си го бараме местото на друга страна во овој неправеден свет.
Колкава ќе биде штетата ако по пет, или десет години, некоја друга политичка гарнитура на власт ги прифати истите услови, или полоши од овие кои сега ни се нудат. За вакви претпоставки власта не размислува. Ни фрлаат коски за глодање во меѓусебни расправи за промена на државниот грб. Овој што го имаме бил остаток од социјализмот како што тврди еден од идеолозите на ВМРО ДПМНЕ, Антонио Милошоски. Не му е првпат јавно да брише историја и историски личности.
Од друга страна, од албанскиот партнер во власта стасуваат барањата за промени на химната, за ново државно знаме, а утре ќе стасаат и нови барања во голем пакет за уставни промени. И се така со години ќе го храниме нашиот примитивизам и неспособност да ги оствариме најзначајните државни интереси кои го гарантираат опстанокот на Македонија.
Времето лета, веќе жртвуваме неколку генерации, а на идните им оставаме само долгови и неизвесност. Затоа треба да престане власта со плачење и барање правда. Ни требаат итно решенија.
Последниот самит во Париз на лидерите на земјите на стара Европа, плус само Полска од зад некогашната „железна завеса“, може да ги потсети новите членки на ЕУ на нивното минато. Овој пат средбата на политичките лидери на Франција, Германија, Англија, Италија, Холандија, Данска, Шапанија и Полска, посветена за нивната изолација од преговорите за крај на војната во Украина кои ги најавуваат Америка и Русија без учество на Украина и Европа, во иднина може да прерасне во правило и за други потреби во врска со силните разлики меѓу членките на ЕУ за иднината на Европа. Без оглед што на средбата на врвот во Париз присуствуват и претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет и НАТО алијансата. Државите од Источна и централна Европа кои тонеа во беда и страдаа од диктатури и руска доминација, станаа членки на ЕУ на врат на нос со големи ветувања за целосна припадност на Европа и западноевропските политики, за сега да ги злоупотребуваат статусните права на ЕУ и поставуваат разни блокади и вета, спротивни на европските интереси. Можеби е време да се потсетат на еден друг начин каде беа и до каде ќе стасаа да не беше членството во ЕУ, најчесто незаслужено со политички одлуки. (независен)
Ерол Ризаов