Достоевски и прашањето на верата

Кога се говори за прашањето на верата во животот и во творештвото на еден од најголемите писатели, Фјодор М. Достоевски, често се цитира една негова мисла. „Кога би ми докажале дека Христос е надвор од вистината, и кога навистина би било така што Христос не би бил еднаков со вистината, тогаш јас би сакал да останам со Христа, а не со вистината.” Притоа малкумина го цитираат целиот пасус во кој е изречена оваа мисла. Многу е важно што тој вели во претходната реченица. Во неа тој пишува: „Верувам дека нема ништо поубаво, подлабоко, посимпатично, поразумно, почовечко и посовршено од Христос. Со ревносна љубов си велам себеси дека не само што нема ништо слично на него, туку ниту може да има.” Од ова сознание на Достоевски следи заклучокот дека за него да биде „во Христа и со Христа” е поважно од тоа да биде „со вистината”. Иако знае дека Христос самиот во Евангелието (Јов 14,6) вели „јас сум патот и вистината и животот”, сепак, речиси пророчки загадочно изјавува дека повеќе сака да ја изгуби вистината, отколку Христос. Достоевски очигледно искусил дека вистината по себе не е гаранција за правилноста или праведноста на еден чин.

За да се разбере ова длабоко сознание, но и неговата актуелност особено во нашиот православен свет, треба да се прочита и продолжението на мислата на Достоевски, бидејќи нему му е јасно дека некој може да се обиде да ја одвои вистината од Христа. Затоа тој јасно укажува дека „без Христос одеднаш сѐ станува одвратно и погрешно. Покажете ми нешто подобро од Христа! Покажете ми ги вашите праведници кои би ги ставиле на местото на Христос”, заклучува Достовески. Од последните две реченици станува јасно дека изјавата на Достоевски е еден вид контраагрумент во полемички контекст. Тоа станува јасно кога ќе потсетиме кому се наменети овие мисли на Достоевски. Имено, прочуената мисла за Христос и вистината Достоевски ја запишал 1854 година во писмото до Наталија Д. Фонвизина. Таа е жената која нему 1850-та, во сибирското прогонство во Тоболск, му го испратила Евангелието. Фонвизина била блиска на кругот на „декемвристите”. Лектирата на Евангелието, всушност, го променила неговиот живот исто толку силно, колку и настанот што претходел на прогонството. Достоевски во ноември 1849-та бил осуден на смрт со стрелање. Додека чекал во редот да биде стрелан, само неколку минути пред ехзекуцијата, стигнал гласникот со указот на царот за помилување, со што смртната казна била заменета со четиригодишно прогонство во Сибир. Тоа вистинско чудо го менува од темел односот на Достоевски кон својот поранешен поглед на светот и кон идејата дека праведно општество може да се создаде со револуција и борба. Иако во прогонството имал пристап и кон други книги, Евангелието останало за Достоевски главната лектира. Неговата сопруга подоцна сведочи дека тој примерок на Евангелието стоел секогаш на неговата работна маса. Таа раскажува дека кога тој размислувал или се колебал за нешто, имал обичај да го отвори Евангелието на која било страна и да го прочита текстот на левата страна. Иако самиот за себе и подоцна пишува дека е „дете на своето време” и постојано е измачуван од сомнежот во однос на верата, Достоевски истакнува дека најсилниот импулс кај него е „копнежот по Христа”. Познато е дека кусо пред смртта запишал дека сака да напише „роман за Исус Христос”. Впрочем, тој веќе го имаше напишано еден од најубавите романи за Христос. Тоа е приказната за кнезот Мишкин кој, всушност, е „кнезот Христос”, кој во овој безумен и зол свет може да биде само „идиотот” – чудакот, со наивноста и добрината на невино дете.

Кица Колбе
Кица КолбеФотографија: Privat

Тоа што мене денес, кога католиците и многумина од православните (по новиот календар) го слават првиот ден од Божиќ, ме потсети на прочуената мисла на Достоевски од писмото на Фонвизина, е состојбата во која се наоѓа нашиот свет. Во име на „својата вистина” за Бог во моментот се водат две војни. Едната, онаа „метафизичката”, на Русија против Украина, трае веќе две години, додека другата, онаа на Израел против палестинските терористи, започна есенва со нападот на милитантно исламистичкиот Хамас на Израел. Тоа што Достоевски го сознал уште 1854-тата во писмото до Фонвизина, а го покажа во блескава литературна форма во поглавјето со „повеста за големиот инквизитор” во романот „Браќа Карамазови”, е сознанието дека со „вистината” може да се манипулира од позицијата на политичка моќ и власт, но не и со Христос. Додуша, православниот богослов Александар Шмеман, кој, исто така, во своите дневници постојано се враќа на кризата на православието, истакнува уште во осумдесеттите дека може да има црква во која Христос не е на „прво место”. Тоа се случува тогаш, кога на неговото место ќе се постави „вистината” која не е еднаква со Христа. Тоа е токму таа ситуација за која пишува Достоевски.Тогаш на местото на Христа во црквата (што значи и во срцата на верниците!) може да биде поставена „светата мајка Русија”, „небеска Србија”, „света мајка Бугарија”, „вечна Македонија, и така во недоглед. Тоа се случува тогаш кога нацијата се сакрализира, кога таа станува идол и замена за Бог. Тогаш нашиот сонародник или почвата на која сме се родиле или сакаме да ја поседуваме, ни станува помила од Бог – од Христос. Тогаш сме полни со љубов за своето и со омраза за туѓото. Овие нешта – земјата, нацијата, народот, гордоста, патриотизмот – тогаш за манипулираните верници стануваат „чистата вистина” и во православната црква, затоа што во последните два века во православниот свет црквата и нацијата толку сраснаа една со друга, што тие полека почнуваат да го затемнуваат погледот на верниците врз Христа.

Споменик на Фјодор Достоевски во Москва
Евангелието било за Достоевски главна лектира (споменик на Достоевски во Москва)Фотографија: picture alliance/akg-images

Затоа денес, на Божиќ, кога православните верници ја проповедаат пораката за мирот кој го дарува само Христос, сите ние, барем за миг, треба да се запрашаме како е возможно православни христијани да водат војна, во која православни христијани убиваат други православни христијани? Само за да ја „докажат” својата „историска вистина” за тоа на која модерна нација ѝ припаѓа славната „Киевска Рус”? Зарем забораваме во чие име се крштеваат сите христијани? Кога тоа ќе се заборави и кога нешто друго во срцата ќе го заземе местото на Христос, многу православни христијани денес уште не согледуваат дека војната на Русија против Украина е таа грда „вистина” која, според Достоевски, е „надвор од Христа”. И затоа тој категорично изјавува дека никогаш нема да ја избере, туку ќе остане кај Христа. Од Евангелието, имено, Достоевски научил дека кога се работи за прашањето на верата, вистината е секогаш личност, а не идеологија или пропаганда. За него вистината е идентична со Христос, како што стои во Евангелието. На Достоевски му е јасно дека Христос не основаше „нова религија”, туку „нов живот”. Верата значи преобразба на личноста и на животот според првата заповед на љубовта: љуби го Бога и љуби го ближниот! Дали во име на таа заповед може да се оправда војната?

Во нашиов свет, во кој во домовите го славиме Христовото раѓање, дарувајќи се во знак на љубов, секоја радост е „поматена” од фактот на двете стравотни војни. Едната рускиот патријарх ја „оправда” нарекувајќи ја „метафизичка”, а другата, таа против Израел, трае со прекини од мигот на прогласувањето на државата Израел. И таа сето време од арапскиот свет се „оправдува” како „религизона војна”. Можно ли е тие што веруваат во Бога како дарител на мирот и љубовта, да веруваат дека ја остваруваат неговата волја и заповедта на љубовта со убивање луѓе? Ако секој христијанин во другиот човек треба да го препознае Христа, тогаш како тој може да верува во Христа и да убива на фронтот други христијани?

Достоевски го знаеше парадоксот на религијата, која напати може да се редуцира на идеологија, со која може да се манипулираат верниците за политички цели, па затоа толку јасно го кажа својот суд и своето кредо. Само тој што повеќе од секоја светска вистина го сака Христа, само тој нема да дозволи да го манипулира каква било пропаганда за високите национални или религиозни цели. Токму затоа Достоевски останува актуелен. Не со неговите славјанофилски погледи кои се многу омилени кај некои балкански народи, туку со неговиот пророчки суд за опасноста од политичка манупулација со „религиозните вистини”. Во неговата „Повест за големиот инквизитор”, владиката го препознава Христа и наредува да го затворат. За неговите цели, на „големиот инквизитор” не му треба повеќе Христос. Тој го исмева Христос кој, според него, бил наивен и им дал слобода на избор луѓето, за која, според „големиот инквизитор”, тие не се способни. Затоа нему повеќе не му треба Христос. Затоа што тој сега ја поседува „вистината”. „Големиот инквизитор” им кажува на луѓето што е „вистината”. И луѓето му веруваат! А јас денес би додала: добредојдовте во дваесет и првиот век и во царството на „големиот инквизитор”, производителот на „теории на заговор”. (дв)

Кица Колбе

Back to top button
Close