Достоинство

Почитувани читатели, темата на денешнава колумна е поврзана со нештата кои се случуваа и за жал сѐ уште се случуваат од постоењето на Еуростандард банка. Банката денес е во стечај, од нејасни причини за мене, но моето достоинство и достоинството на моето семејство не може никој да ги турне така перфидно, како туркањето на банката во стечај.

Најнапред, Еуростандард банка е формирана во далечната 2002 година, како грин-филд инвестиција, со капитал чесно стекнат и проверен од страна на сите институции во Република Македонија. Оваа грин- филд инвестиција ја започнав токму во моментот кога Македонија се наоѓаше на работ на граѓанска војна со тогашната ОНА. Со Формирање на банката имав цел пред себе, да им укажам на моите сограѓани дека во Македонија треба достоинствено да се финансира, за добросостојба на сите граѓани. Мојата цел беше здрава економска перспектива на Македонија.

 

Банкар не сум, јас сум стопанственик, особено искусен во црната металургија. Кон крајот на 90-те години и почетокот на овој милениум, во областа каде работев, со децении наназад испорачував железна руда во висина од 3,5-4,5 милиони тони на годишно ниво, на челичаните низ Полска, Чешка и Словачка. Оваа руда ја испорачував претежно од Русија, Украина, Јужно-Афричка Унија и Бразил.

 

Глобализацијата во црната металургија, која најнапред ја зафати Европа, значеше и крај за мојот натамошен бизнис по европскиот континент. Со едноставни зборови, не успеав да ги проценам местото и улогата на глобализацијата. Овој факт по вокација значеше дека со капиталот треба да се селам. Имав две дестинации, првата беше бизнис, а втората беше љубов. Дестинацијата бизнис ми беше предложена од екс-премиерот на Австралија Герет Еванс, со кого бевме членови на Меѓународната кризна група, токму во тој период. Тој ми понуди низа локалитети во Австралија, каде би можел да се занимавам со мојот базичен бизнис, а тоа се ископ и продажба на железна руда. Ми понуди десетина локации, при тоа нудејќи и инфраструктурни решенија, што за овој вид бизнис се многу битни, а тоа се: железница и пристаништа комплетно опремени за прием, утовар и истовар на сите видови бродови кои се користат за оваа намена. Втората дестинација беше Македонија. Љубовта кон мојата држава, моите Македонци и моите сограѓани од сите етнички заедници победија! Дали тоа беше мудра одлука или не, факт е дека останав да вложувам во својата татковина. Република Македонија го уби сопственото чедо, мене и моето семејството…

 

Ќе се прашате зошто?

 

Причините се многу едноставни. Најнапред од аспект на бизнис, Австралија е една од најјаките економии во светот со тенденција за уште побрз развој. Австралија е во близината на Азискиот континент во кој дел е концентрирана повеќе од 70% од севкупната популација на светско ниво. Концентрацијата на популацијата во овој дел на светот, Азискиот дел е магнет за сите видови бизниси, особено кога е во прашање местото и улогата на црната металургија.

Денес Австралија е најголемиот извозник на железна руда на Кина, Јапан, Кореа, Виетнам, Индонезија и останатите држави од овој регион.

Најбитното, кога е во прашање Австралија, е фактот што во оваа држава пишаниот закон се почитува до крај.

Љубовта кон Македонија ние како семејство Костовски ја плаќаме многу скапо. Во Македонија има закони, но не се почитуваат. Селективната примена на законите е синоним за Македонија во последните две децении.

Ако ме прашате, дали сум згрешил во изборот каде да ги инвестирам сопствените средства, верувајте дека пред мене повторно ќе постоеше дилема, дали да бирам меѓу прагмата и љубовта.

Ме боли за изгубеното материјално богатство, ама уште повеќе ме боли фактот што од петтни жили поединци и групи во Македонија, со поддршка од институциите, се трудат да го уништат и моето достоинство.

Единственото нешто што не може никој да ви го одземе се духовниот капитал и достоинството. Моето достоинство е вградено во мене како лична, капитална и неотуѓива инвестиција.

Поводот за оваа колумна беше ставот на мојот адвокат дека со истрагата која се води против мене, врзана за стечајот на Еуростандард банка, а трае веќе повеќе од 24 месеци, го сквернавија името на моето семејство во институциите на системот. Од друга страна, бивш висок политичар, а во основа маргиналец како личност и замешан во многу сомнителни бизнис зделки, бара од мене официјално извинување бидејќи јас сум ги навредил неговата чест и достоинство. Народната мудрост би рекла” „земи земјо проголтај ме”. Отсуство на срам е присуство на интелектуална инфериорнист. Моето достоинство не може да биде извалкано преку валкани игри на другите, а другите нека му ја мислат за своите валканици… И да, треба да имаш достоинство за да застанеш пред сите и ја кажеш вистината.

Трифун Костовски

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close