Довжан: Се надеваме дека дијалогот Софија Скопје ќе го деблокира ЕУ патот за Северна Македонија

Државниот секретар за европски прашања на Словенија, Гашпар Довжан, кој денеска претседаваше со Советот за општи работи на ЕУ, рече дека на денешниот состанок на министрите на ЕУ се разговарало за кредибилитетот на ЕУ на Западен Балкан, јави дописничката на МИА од Брисел.

Запрашан од МИА како ЕУ планира да го зајакне својот кредибилитет во регионот со оглед на билатералната блокада наметната од страна на Бугарија за почеток на преговори со Северна Македонија, Довжан рече дека денеска министрите не разговарале детаљно за ова прашање но изрази надеж дека спорот ќе се реши за да може да се усвои преговарачката рамка за Северна Македонија.

Бугарија ја блокира преговарачката рамка за земјата поради инсистирање да се вметне референца за „погрешно толкување на историјата“, на што се противат неколку земји и членки и Северна Македонија.

– Не можеме на состанок како овој да решаваме билатерални прашања што го кочат проширувањето, рече Довжан за денешниот министерски состанок, но истакна дека земјите членки размениле мислења на темата како и за проширувањето генерално.

Словенечкиот државен секретар смета дека во најголем дел прашањата ќе се отворат на претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан на шести октомври.

– Многу работи ќе се дискутираат таму, но ова не е самит за проширување, предупреди државниот секретар и додаде дека на самитот ќе се разговара како ЕУ му помага и соработува со регионот и како понатаму да продолжи да го прави тоа на успешен начин во областа на зелената транзиција, дигитализацијата, поврзаноста, младите.

Довжан рече дека сите во ЕУ се надеваат дека дијалогот Софија Скопје ќе даде резултати.

– Сите се надеваме дека дијалогот Софија Скопје ќе нѐ доведе до решение кое ќе и овозможи на Северна Македонија да оди напред и да се усвои преговарачката рамка, рече Гашпар Довжан.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close