Доживотна суспензија за фудбалерите-тепачи од Слупчане

Фудбалската федерација на Македонија ја информира јавноста дека Дисциплинскиот комесар на групата Север од третата лига донесе одлука за доживотна суспензија на фудбалерите Орхан Демири (32) и Ердин Арифи (18) од ФК Беса Слупчане, поради физички напад и обид за линч на противнички фудбалер по завршување на натпреварот Беса – Аеродром, одигран во рамки на 8. коло од третата лига Север.

Домашниот терен на Беса во Слупчане се суспендира на 10 натпревари. Истовремено, ФК Беса согласно Дисциплинскиот правилник е должен да плати и парична казна.

„Фудбалската федерација на Македонија најостро го осудува секој облик на насилство на фудбалските терени и ќе продолжи со доследна примена на сите дисциплински прописи, со цел заштита на интегритетот на натпреварите и безбедноста на сите учесници во фудбалот. Ставот на ФФМ е јасен и недвосмислен: Во фудбалот нема место, ниту милост за оние што се подготвени да тепаат, линчуваат и го нарушуваат угледот на фудбалот“, соопшти ФФМ.

Инцидентот се случил по завршувањето на натпреварот во кој Аеродром победил со 2:1 на гостувањето во Слупчане. МВР објави дека двајцата тепачи биле приведени.

Back to top button
Close