ДПА: Г7 без заедничка декларација на самитот со Трамп
Групата на седум водечки демократски економии (Г7) нема да усвои сеопфатна заедничка декларација на претстојниот самит во Канада, кој ќе биде прв со учество на американскиот претседател Доналд Трамп по неговото враќање на функцијата, изјавија денеска германски владини извори, јавува ДПА.
Наместо тоа, домаќинот Канада очекува да бидат усвоени само селективни изјави за конкретни теми за време на тридневниот самит во Канадските Карпести Планини, што почнува в недела.
Според Берлин, теми за кои може да се постигне согласност се миграцијата, вештачката интелигенција, квантната технологија, шумските пожари и критичните суровини. Но, се очекува да нема заедничка позиција за војните во Украина и Газа, ниту за климатските промени и развојната помош – прашања по кои администрацијата на Трамп се разликува од останатите членки.
Последен пат Г7 не донесе заедничка декларација токму во 2018 година, на претходниот канадски самит со учество на Трамп. Тогаш, и покрај првичната согласност, Трамп ја повлече поддршката преку Твитер за време на враќањето од самитот.
Во периодот под водство на Џо Бајден, Г7 повторно усвојуваше обемни и усогласени заклучоци на своите самити, потсетува ДПА.