ДПА: ИДФ планира нови воени операции во Газа, додека Хамас ги обновува тунелите

Израелските сили и палестинското движење Хамас се подготвуваат за продолжување на борбените дејствија во Појасот Газа, пренесува германската агенција ДПА.

 

Израелските одбранбени сили (ИДФ) подготвиле планови за започнување нови воени операции во Газа за месец март, изјавија неименуван израелски функционер и арапски дипломат за „Тајмс оф Израел“.

 

Кревкото примирје во Газа е во сила од 10 октомври, откако Израел и Хамас се договорија за „патоказ“ од 20 точки, поддржан од Вашингтон, за ставање крај на конфликтот кој траеше повеќе од две години.

 

Според дипломатски извори, евентуалната операција не би можела да напредува без поддршка од САД, кои во моментов инсистираат на втората фаза од договорот за прекин на огнот, што предвидува Хамас да го положи оружјето и да се распоредат меѓународни стабилизациски сили.

 

Весникот „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на свои извори, наведува дека и Хамас се подготвува за нови борби, започнувајќи со обнова на дел од оштетените подземни тунели. Израелските власти за американскиот весник изјавија дека се подготвени да дадат повеќе време за имплементација на мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп, но одлуката за нови воени планови останува на израелското политичко раководство.

И покрај прекинот на огнот, израелската армија продолжува со целните напади врз раководството на Хамас во Газа.

 

Back to top button
Close