ДПА: Русија го изврши најголемиот напад со беспилотни летала врз Украина од почетокот на војната

Украина го претрпе најголемиот руски напад со беспилотни летала од почетокот на инвазијата во 2022 година, покажува денешниот рапорт на украинската војска, јави ДПА.

Украинските воздухопловни сили утринава соопштија дека Русија во текот на ноќта лансирала вкупно 273 беспилотни летала. Украинските медиуми денеска наведуваат дека оваа бројка  го надмина претходниот рекорд од 267 лансирани беспилотни летала, што беше регистриран  на 23 февруари.

Во ноќешните напади е убиена една жена во главниот град Киев, а тројца други беа повредени, вклучувајќи и четиригодишно дете, соопштија властите.

Регионите Дњепропетровск и Доњецк, исто така, беа цел на нападите во текот на ноќта, пренесува германската агенција.

Украинската војска денеска соопшти дека соборила 88 беспилотни летала, додека други 128 не успеале да стигнат до своите цели. Војската не откри детали за потенцијалната штета или специфичните места на удари, во согласност со вообичаениот протокол.

Овие бројки не можеа да бидат независно потврдени.

Нападот се случи само два дена откако Русија и Украина ги одржаа своите први директни мировни преговори од 2022 година во Истанбул. И покрај тоа што се согласи на размена на затвореници и понатамошни преговори за прекин на огнот, Москва ги отфрли повиците од Украина, САД и европските сојузници за прекин на непријателствата пред да се постигне поширок договор.

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека планира в понеделник телефонски да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, во обид да ги поттикне разговорите, потсетува ДПА.

Back to top button
Close