ДПИ направил над 400 контроли за лебот: Се почитува замрзнатата цена


Откако Владата во вторникот донесе одлука да ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб (сечен на парчиња или цел) на 33 денари за тој со тежина од 450 грама, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) од вчера до денеска направил контроли во над 400 фирми, по што излезе со заклучок дека владината одлука генерално се почитува.

„Досега од контролите е утврдено дека генерално се доставува леб кој е опфатен со Одлуката, а се почитува и замрзнатата цена од 33 денари, односно цената утврдена во согласност со грамажата за помалку од 450 грама. Цената на лебот, во зависност од грамажата и во зависност од различни градови каде што се продава, изнесува од 25 до 33 денари. Државниот инспекторат и понатаму ќе продолжи да врши контроли кои се однесуваат на почитување на замрзнатата цена на лебот донесена со Одлуката на Владата. Исто така, потребно е сите да ги почитуваме Одлуките на Владата, бидејќи примарна цел е сузбивање на профитерството во време на криза и залагање за солидарност, односно да се има разбирање и да им се излезе во пресрет на граѓаните“,велат од ДПИ.

Инспекторите вечерва на терен во пекарите, директорот на ДПИ порача дека леб ќе има

Оттаму додаваат дека ќе ги ангажираат сите расположливи ресурси за да постапуваат, а покрај редовните контроли, порачуваат дека излегуваат на терен и по пријави од граѓани и дека им излегуваат во пресрет за сите отворени прашања околу надлежноста и работата на инспекторатот.

„Законите ќе важат исто за сите, без селективност, а секој што нема да ги почитува, ќе биде санкциониран. Надзори се вршат постојано, а пазарниот инспекторат функционира со својот полн капацитет“,

порачуваат од ДПИ.

Back to top button
Close