ДПИ: Одлуката за замрзнување на цената на лебот се почитува, но инспекторите не застануваат со контролите

Пазарниот инспекторат е континуирано на терен со сите свои расположливи ресурси и ќе врши надзори каде што ќе утврдува која е минималната количина на лебот што ја опфаќаат одлуките на Владата, која на дневна основа мора да се набавува и продава од страна на трговците и ќе ја контролира крајната продажна цена до 33 денари, се наведува во соопштението од ДПИ

Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат за два дена извршиле 460 контроли во економски субјекти и утврдиле дека цената на белиот леб се движи од 25 до 33 денари.

„На некои места, леб со поголема грамажа од предвидената во Одлуката се продава по 33 денари. Генерално се почитува владината Одлука за замрзнување на цената на лебот до 33 денари, но имаше и такви трговци кои ја прекршиле оваа Одлука, за што беа изречени казни во висина од над 300 000 денари“,

се вели во денешното соопштение од ДПИ.
Оттаму информираат дека Државниот пазарен инспекторат и понатаму ќе остане на терен за да врши надзори со сите расположливи ресурси и дека покрај Одлуката за замрзнување на цената на лебот на 33 денари, ќе се контролира и постапувањето по Одлуката која ги обврзува трговците да доставуваат и продаваат леб.

„Пазарниот инспекторат е континуирано на терен со сите свои расположливи ресурси и ќе врши надзори каде ќе утврдува која е минималната количина на лебот што ја опфаќаат Одлуките на Владата, која на дневна основа мора да се набавува и продава од страна на трговците и ќе ја контролира крајната продажна цена до 33 денари“,

додаваат од ДПИ.
Според нив, ако се утврди прекршување на Одлуките ќе следат казни кои произлегуваат од Законот за трговија.

„Казните се високи и изнесуваат од 800 до 10 000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор. Затоа апелираме да се почитуваат Одлуките, а ние како институција постојано сме на терен, постапуваме по Одлуките и останатите наши надлежности“,

информираат од ДПИ.
Контролите на Државниот пазарен инспекторат почнаа откако Владата на 28 февруари донесе одлука за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб кои се со тежина до 450 грама. Овие типови на леб до 31 мај годинава ќе треба да се продаваат по цена од 33 денари.

По донесувањето на оваа Одлука на Владата компаниите од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија решија дека нема да произведуваат и доставуваат бел и полубел леб и три дена ги оставија полиците во маркетите да бидат празни, а граѓаните леб купуваа од помалите пекарници кои продолжија со производството.

Од вчера Владата донесе и нова одлука, која веќе е во сила, и со која производителите и трговците имаат обврска да обезбедат леб по замрзната цена.

Но, денеска од Групацијата на на мелничко-пекарската индустрија рекоа дека од утре ќе почнат со производство и продажба на леб по замрзната цена, но додадоа дека битката против владината одлука ќе ја водат на правна основа.

Казните што се предвидени со Законот за трговија за непочитување на овие одлуки на Владата се во висина од 8 000 евра

Back to top button
Close