Драган Митковски е граѓанин на Скопје, ако имате прашање поставете му го нему – вели градоначалничката Арсовска

Не знам што ви е прашањето, која е целта… Се водите од спиновите на „мицковистите“, рече Данела Арсовска во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1, одговарајќи на прашања за улогата на лицето Драган Митковски, познат како Драги Книга, во работата на Град Скопје

360°: Како би ја дефинирале позицијата, улогата на Драган Митковски, во јавноста познат како Драги Книга?

Арсовска: Не знам. Што ви е прашањето, која ви е целта?

360°: Често ве гледаме во негово друштво.

Арсовска: Од сите пријатели вие сега правите „пребир и прескок“ (случаен избор, н.з.) на национална телевизија за кого треба да дискутираме?

360°: Па, мислам дека е релевантно прашањето. Јас Ве имам видено на повеќе јавни настани во друштво на Драги Митковски. Зошто, што е проблем да Ве прашам?

Арсовска: Не, нема никаков проблем. Затоа што тоа е и еден од… Гледам во текот на целото интервју се водите од спиновите на „мицковистите“ и тоа што го презентирате или се обидувате да го презентирате е нешто што е став на мицковистичката методологија некој да се извалка во јавноста.

360°: Знаете, има постојано обиди прашања коишто се неспорно релевантни, кредибилни да се дискредитираат на овој начин, им се дава етикета дека се „мицковистички“.. Да еве, од Мицковски ми е прашањето.

Арсовска: Добро. А на кого друг досега во вашата кариера вакво прашање сте поставиле?

360°: На сите сум им поставил, еве претходната емисија ако сте ја гледале со Артан Груби, можело да видите какви прашања добил вицепремиерот. На сите, со Мицковски ако сте гледале интервју, исто така…

Арсовска: Не, не зборувам за пријатни или непријатни прашања. Зборувам за тоа да се водите од нечија манипулативна мантра да поставувате и да издвојувате личности или, пак, било кој еден друг од приватниот или јавниот живот, да поставувате такво несоодветно прашање.

360°: Драган Митковски нема никаква улога, неформална?

Арсовска: Тоа е нашиот семеен пријател, пријател на нашето семејство повеќе од 20 години. Не знам сега што ви значи во конкретниот случај.

360°: Добро ги знаете гласините дека во позадина тој е човекот што, практично, ги влече конците во Град Скопје?

Арсовска: Господине Васко и за вас многу гласини сме чуле, меѓутоа јас не разбирам што е поентата на комуникацијата. Врз чии гласини ние ќе се темелиме и нашите постулати и нашето работење, сè она коешто го застапуваме. Врз оние коишто се обидуваат секојдневно да нè етикетираат? Коишто се обидуваат да не извалкаат секојдневно? Коишто во изминатите две години една работа што ја имаат кажано, ја немаат докажано? Од оние коишто излегуваа на прес-конференции да кажуваат дека бугарски автобуси ќе возат во Скопје пред една година? Вие гледате дека ниту возат бугарски автобуси, ниту пак има нешто од нивните лаги. Од оние што сакаа да кажат дека пречистителна станица ќе граделе турски инвеститори? Па, вие гледате дека ништо од тоа не е вистина! Од оние коишто секој ден излегуваат и на говорница кажуваат работи коишто сите медиуми ги пренесуваа, а не ја пренесуваа спротивната страна? И кој е начинот да се одбраниме ние од тоа, знаете? Времето. Времето ни е најдобар сојузник во докажување на тоа што сите овие луѓе коишто го искажуваа, коишто лажат… дека не е вистина.

360°: Добро тоа…

Арсовска: И секој еден ден ќе се бориме ние и против овие лаги и против овие манипулации и против сето она што се обидува секој еден од овие крвопии на народот, да видат луѓето дека не е вистина.

360°: Се сеќавате на периодот од 2016 година, имаше луѓе коишто тврдеа дека ништо не е вистина од тоа што тогаш се појавуваше во јавноста, па на крај ги чувме прислушуваните разговори и испадна дека не дупло, тродупло, петодупло од тоа е точно.

Арсовска: Јасно, меѓутоа јас зборувам сега за факти и за аргументи. Вие можете да се враќате во историјата колку сакате, меѓутоа тие луѓе има причина зошто не се тука…

360°: Сакам да кажам времето може да покаже и обратно – дека ова е точно.

Арсовска: Ама времето ги казнило. Како да е точно, возат ли бугарски автобуси низ градот Скопје? Како е точно? Турски инвеститор ли ја гради?

360°: Конкретно зборувам за господинот Драги.

Арсовска: Па, господинот Драган е граѓанин на Град Скопје. Ако имате некакви прашања вие за него, слободно обратете му се и прашајте го. Не ве разбирам што ви е поентата.

Преземено од 360.мк

Back to top button
Close