Драго ми е за некои кандидати

Автор Биљана Секуловска

Драго ми е за кандидатите на локалните избори. Повеќето не знаат што зборуваат, ниту ги засега тоа. Драго ми е за нив, немаат појма што им се случува пред носот, не ги допира реата од смрдливите отпади растурени низ скопските улици, отворен рудник на зарази и болести. Не ги напрегаат ни очите, да ја видат вистинската беда, за која тврдат дека може да се претвори во сјај на патриотизам, додека сме затрупани од обвинувања и ветувања кои никогаш не се остваруваат.

 

Драго ми е за кандидатите, особено за оние кои партиската машинерија од ветувања за вработувања ќе ги собере гласовите и ќе им подари победа на оние со пари, моќ и неспособност. Тука никој не гласа за умните, искусни, вистински професионалци, докажани во своите професии, чесни и скромни, луѓе кои не напредувале со партијата, луѓе кои знаењето го инвестирале во иднината, за која никој не се грижи повеќе.

 

Тука се важни сосема други цели-да се победува само за да се задоволи партијата, за да се задават од милиони префрлани во странски сметки на кои никогаш не се испитува трагата,   да се владее доволно долго, за да се исчезне во познат правец, како оној што заврши во Будимпешта.

 

Драго ми е што единствените заслуги на поголемиот дел од кандидатите се партиските, тоа е единственото добро што веруваат дека им се случило, во денови кога се доделуваат Нобелови награди, за да се слават научните достигнувања и иновации, наспроти нашето пливање во фекалии од неспособност, некадарност, потпросечност која и единствено преживува како врвен успех.

 

Ни останува уште некој ден, по некоја недела ветувања за благосостојба и процут, празни зборови на кандидатите за кои ни е драго што ни имињата не им се важни, тогаш кога партијата се погрижила за нив и за нашиот очај во кој се давиме и тонеме. Скопје, градот кој пак ќе рикне, затоа што ни е драго што нашиот глас оди во неповрат, како и досега, како и отсега натаму.

Back to top button
Close