Драматична спасувачка акција во Струмица: Мајка и дете извлечени од провалија
Струмичките пожарникари утринава успешно спасија мајка и дете кои паднале во провалија покрај трим-патеката што води кон манастирот „Св. Илија“.

Од Територијалната противпожарна единица Струмица информираат дека спасувачката акција започнала околу 05:15 часот, кога тим од пожарникари-спасители бил испратен на местото на настанот.
По пристигнувањето, со употреба на специјализирана спасувачка опрема, пожарникарите безбедно ги извлекле мајката и детето од непристапниот терен, по што тие биле предадени на екипа на Итната медицинска помош за понатамошен преглед и згрижување.
„Благодарение на брзата, професионална и координирана интервенција, спасувачката акција беше успешно завршена“, соопштија од ТППЕ Струмица.
Од противпожарната единица апелираат до граѓаните кои ги користат трим-патеките и планинските патеки да се движат внимателно, особено во раните утрински и ноќните часови, кога движењето по стрмни и непристапни делови од теренот носи зголемен ризик.
„ТППЕ Струмица – секогаш подготвени да помогнеме и да спасуваме човечки животи“, порачаа струмичките пожарникари.






