Драматичната приказна на писателката Славенка Дракулиќ: Како ја преживеав короната? (прв дел)
Лежам на подот од болничката соба. Бледoжолтиот линолеум е сè уште влажен затоа што пред малку го изми хигиениарка на која и ги видов само очите и челото, сè друго беше покриено со заштитна опрема. Сепак, во подножјето на креветот забележувам темноцрвена капка исушена крв, мала трага од некој кој лежел овде пред мене. Утрово навршуваат три недели откако сум примена во болницата со дијагностициран коронавирус.
Синоќа бев префрлена од одделот за интензивна нега, каде, како што ми кажаа, сум поминала дванаесет дена, од кои шест на респиратор, иако јас се спротивставував колку што можев.
Кога ми кажаа дека ја напуштам единицата за интензивна нега, одеднаш бев преплавена од страв, грлото ми се стегна уште повеќе и ме обли пот.
Одлучно ја тресев главата: не, не! Таа промена беше голем шок за мене затоа што не ја очекував. Мојот кревет, моето место на кое со денови бев навикната, суштестваа со црни маски кои се грижеа за мене, откако се разбудив од анестезијата, беше мојата извесност, она што ми даде чувство на сигурност.
Додека ме возеа низ долгите ладни болнички ходници осветлени од сино светло, јас панично се плашев да го напуштам одделот за интензивна нега, надвор од дофатот на медицинските сестри и докторите кои ме опкружуваа дење и ноќе, и просторот што го знаев.
Продолжив да протестирам мавтајќи, не верувајќи дека би можела да бидам позаштитена на кое било друго место, додека двајца рамнодушни лекари ме возеа до мојата нова дестинација,
На подот во новата соба, се враќам на тој страв од одвојувањето од она што беше моето прво доживување на стварноста откако се разбудив од анестезија. Не чувствував страв кога пристигнав во болницата, дури и откако ме известија за дијагнозата. Можно е веќе да не разбирав ништо, бидејќи болеста веќе зема замав, но се сеќавам дека се тресев од треска и главата ужасно ме болеше, како да бев прободена од илјадници ситни, остри игли. Освен болката, не чувствував ништо. Парализата на емоциите е очигледно неопходна за преживување.
Откако ме сместија во новиот оддел, заспав во истиот момент, исцрпена од префрлањето. Следното утро просторијата ја доживеав сосема поинаку, како прв чекор кон враќање во нормалниот живот. Голем и светол простор, со прозорец со поглед кон болничкиот комплекс опкружен со бледо зелени дрвја, но погледот кон надворешниот свет го менува ритамот на телото. Веќе не го одредуваат маскирани луѓе или бесмисленива или се гасне низ него. Сепак, не можам да им верувам на моите проценки за времето според надворешната светлина. Тешко ми е да ја разликувам зората од самракот, но свесна сум дека е мај и дека деновите стануваат подолги.
Единицата за интензивна нега изгледа како огромна монтажна фабричка сала со сино-зелени завеси кои ги раздвојуваат пациентите. Во темнината на тој простор, што ми се чинеше дека е сместен во подрумот, имаше малку знаци според кои можев да го определам времето на денот. Од реалниот свет откако се разбудив, видов луѓе со црни маски и провидни штитови на лицето, нивните глави покриени, целото нивно тело обвиткано со заштитна облека, застрашувачки затоа што не личеа на човечки суштества.
Овие суштества ми приоѓаа, поточно, им приоѓаа на апаратите со кои бев поврзана, ми вадеа крв, ми го мереа крвниот притисок и количината кислород во крвта, ми даваа лекови и инфузии. Ако бев будна, ќе ми дадеа знак: палец нагоре наместо насмевка. Или, ќе ме погалеа со раката во густа, сина гумена ракавица. Ако и се обиделе да ми кажат нешто, звукот на нивниот глас тешко се пробиваше низ маската. Имав и цврсто прицврстена маска за кислород што ми ги покриваше устата и носот, правејќи го невозможно да зборувам. Се разбудив скоро целосно глува од анестезијата, па морав да им покажам со рацете што не можев да ги слушам. И ако бев жедна: најпрво би го насочила увото со показалецот а потоа го насочував палецот кон устата.
Овие три гестови упорно ги повторував секому кој ќе ми се приближеше. Грлото ми беше неподносливо суво и се надевав дека можеби помалку ќе ме боли ако го навлажнам. Навистина сакав да пијам вода, иако секоја голтка од плунката ми беше болна. Но, колку и да се мавтав и покажав дека сум жедна, болничарите, кои сигурно ме разбраа, не реагираа. Конечно, на нивни ужас, ја повратив силата и ја отстранив маската: „вода, дајте ми вода!“ Тогаш медицинска сестра зеде сунѓер на стап, го натопи во чаша вода и ми ја навлажни устата одвнатре, осигурувајќи се дека ниту една капка да не ми се лизне низ ранетото грло. Кога посегнав по пластичната чаша што ја држеше во раката, брзо ми ја тргна дофат и, мавтајќи со прстот како да сум дете, ми покажа дека не смеам да пијам.
Подоцна, кога веќе се вратив дома, го имав истиот сон две ноќи по ред. Во болница сум, околу мене покриени луѓе, им викам на својот јазик: дај ми вода, жедна сум! Тие се ртуваат и ме гледаат, ми кажуваат нешто, но не ги разбирам затоа што нивниот јазик е различен од мојот. Севртат и заминуваат. Се будам со интензивно чувство на жед, како во сон.
Од предметите што требаше да ме вратат во секојдневниот живот, имаше само еден часовник. Висеше на бетонски столб веднаш од мојот кревет. Голем, со огромни бројки, така што дури и кратковидите пациенти како мене можат да видат колку е часот. Дали часовникот беше на тоа место за да можеме да се ориентираме во времето? Затоа што, за мене, кружницата низ кој стрелките на часовникот го означуваа времето се претвори во права линија.
Светлото во салата се палеше и гаснеше, персоналот доаѓаше и одеше, во некој недофатлив ритам кој обично не беше утврден со светлината што доаѓаше однадвор и ги делеше денот и ноќта. Единаесет часот, колку што покажува стрелките на тој часовник, можеше да биде единаесет наутро, но и единаесет навечер – како можев да го знам тоа? Дали секој нов ден треба одново да го освојувам? Единствениот сигурен знак дека денот поминал или започнал е четкање на забите. Но, не можев да знам кога беше утро и кога беше вечер, ако некој не ми кажеше. Времето што го покажуваше часовникот не беше мое, тоа го определуваа другите, а јас само постоев во него.
Моето време минуваше во сон во кој потонав задушенa од некој посебен вид на замор што не ми дозволуваше да се разбудам. Не беше длабок, цврст сон, туку еден вид полу-спиење, како кога понекогаш земам премногу слаба доза апчиња за спиење. Сон во кој бев половина свесна за тоа што се случува околу мене, но сепак не се чувствував будна. Во кратки периоди кога бев будна, бев во чудна состојба на полусвест, во која нема ништо друго освен телесни чувства: влажно, студено, непријатно, премногу топло, болно …
Свеста на телото и претходеше на свеста на себе како личност, на сопственото Јас. На интензивна нега, личноста станува толку мала и неважна. Единствено што е важно е дека телото функционира како машина. Во првите моменти на полусвест, се чувствував само дека постојам.
Да, постоев. Очите ми беа широко отворени, ја гледав салата, бев таму, но ниту тoа беше салата, ниту јас бев јас, туку бев суштество потопена во постоење, сè уште без идентитет, сè уште празна, без сеќавања, без желби и мисли – само битие, будна присутност во безвременоста. Како балон што постепено се полни.
Првата вечер во новата соба, после воодушевувањето, се појави силна нелагодност. Нервозно го допирав копчето за тревога, сакав да се уверам дека можам да го достигнам, бидејќи дотогаш постојано бев под надзор. Но, наутро, охрабрена од фактот дека веќе не бев толку зависна од други, се обидов сама да станам од кревет, иако на себе имав најмалку три катетри и маска за кислород поврзана со боца веднаш до креветот. Сепак, некако, со многу напор, успеав да седнам на работ и да ги спуштам нозете на подот. Но, штом, држејќи се за креветот со двете раце, се обидов да застанам на нозете, се струполив на подот. Алармот остана на другата страна од мојот кревет и не можев да го дофатам.
Не требаше да бидам толку занесена, мислев додека се местев поудобно на тврдиот под. Паднав, но не се удрив. Не, само ги почувствував нозете, како да се гумени, се виткаат кај колената и лизгам и го допирам линолеумот. И само сакав да одам во тоалет, затоа што имам дури и своја бања, до која, секако, не можам ни да доползам затоа што немам сила да го сторам тоа, но сепак едвај чекав да го измијам лицето и да ги исчеткам забите, дури и да истуширам…
За прв пат, размислував за иднината – во безвременоста во која бев до тогаш, немаше иднина. Не размислував кога ќе одам дома од болницата, таа мисла сè уште ми беше далечна и апстрактна. Иднината во тој момент значеше да се истуширам. Тоа беше остварлива цел. Можам да им кажам да ме седат во инвалидска количка, да ме истуркаат до бањата и да го отворат тушот.
Само да можев да се истуширам после дваесет дена лежење, да почувствував силен млаз топла вода што ја мие потта и мирисот на болест, да оставам големи капки да ми удираат под лицето, да ми се лизнат низ рамената и да ми лизгам по нозете, надолу низ мрсната залепена коса. Де ми е да седам под туш подолго време, сè додека не се измијат туѓите допири.
Не бев валканa, ми миеја секој ден – со тоа знаев дека поминал уште еден ден – две болничарки или двајца болниари, секогаш мораа да бидат двајца затоа што мораа да ме вртат на страна. Едвај можев да ги поместам рацете. Телото беше здрвено, умртвено и не ме слушаше.
Тогаш едниот ќе ги избрише прво едната страна од телото, а потоа другата, грбот, задникот со крпа натопена во топла вода и сапун, цврсто и систематски – ми ги миеја задникот особено внимателно, бидејќи бев принудена да носам пелена – потоа нозете и конечно рацете. Само кога ќе ме облечеа во чиста ноќница, ќе ми го измиеја лицето и ќе ми ги намачкаа усните со вазелин, телото ќе ми дозволеше да бидам јас. Нечии прсти на усните беа помеки од другите, а дури потоа ќе почувствував како солзите ми ги навлажуваат свежо избришаните образи.
Не се обидувам да станам од подот затоа што сум премногу слаба. Чувствувам дека ќе заспијам, постојано ме совладува замор на кој не можам да одолеам. Се обидувам да останам будна затоа што ако заспијам на подот, би можел да добијам друга болест и да го пролонгирам закрепнувањето. И не можам ни да викам и да повикам некого. Кога се обидувам да кажам нешто, грлото ми прави чудни звуци, како кркљање, а зборовите што се обидувам да ги изговорам излегуваат со тешкотии и се претвораат во тешко разбирливо мумлање. Сепак, не паничам бидејќи знам дека вратата ќе се отвори наскоро и ќе влезе медицинската сестра задолжена за земање на крвта или онаа другата, кој носи лекови.
Во болницата нема мир, секој влегува и нешто поправа, проверува, нуди, прашува. Можеби така треба да биде, станува збор за пациент кој преживеал нова ужасна болест – болест која сее страв и убива, за која ништо не се знае. Во оваа ситуација, нешто може да се научи од секој пациент, баш како од белите глувци на кои експериментираат во лабораторијата.
Легнувам и гледам свои раце. Тенка, обесена кожа, како да не е моја. „Изгубивте десет килограми“, ми рече сестрата. Кога некое лице губи толку многу тежина на моја возраст, кожата станува преголема. Вишокот виси и со секое движење се лула на коските, целосно празна, како два броја преголем капут. Со ножици би можела да се исече на вистинската големина. Немам веќе месо, мускули што би ја исполниле. Полека, со напор, ја кревам раката во воздухот и гледам во испразнетата торба што ми виси на горната рака. Додека лежам спроти прозорецот, светлината паѓа така што можам да ги видам сите набори, убодите од иглата и модринките.
Кожата ми е толку тенка.
…
(крај на првиот дел)
Славенка Дракулиќ
Извор: Јутарњи
превод: Лени Фрчкоска