Драстично е зголемен бројот на издадени решенија за изолација

Од разговорот со инспекторите бев информиран дека драстично е зголемен бројот на издадени решенија за изолација на лица заразени со Ковид 19 и лица кои биле во контакт со заболени. Тоа е показател дека влегуваме во можеби најкритичниот период од пандемијата, истакна денеска вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски, по средбата со инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Тој нагласи дека е факт оти здравственот систем е оптоварен и затоа, како што рече, повеќе од било кога е важно да ги почитуваме мерките и протоколите, да носиме маска, да одржуваме растојание и да нема групирања.

– Само така, заеднички ќе ја надминеме оваа здравствена криза, која притиска и врз економијата. На тој начин, ќе им помогнеме и на инспекторите, здравствените лица, полицијата, армијата и сите други чинители што се вклучени во битката со овој вирус. А ние како Влада, и јас како вицепремиер под чија надлежност е координацијата токму со Инспекцискиот совет ќе направиме се што е во наша надлежност да им помогнеме на инспекциските служби, потенцираше вицепремиерот.

Николовски истакна дека информацијата за кадровската екипираност во и инспекторатите е веќе влезена во владина процедура.

– Евидентно е дека им е потребен значитено поголем број луѓе и ресурси и онаму каде што има потреба, за следната година ќе се овозможи да има нови вработувања со цел да се обезбеди непречено функционирање, рече вицепремиерот.

Тој посочи дека ги охрабрува инспекциски служби да продолжат со интензивните контроли.

– Ја имаат поддршката од Владата, нема да дозволиме заради поединци да биде загрозено јавното здравје, нема толеранција кога е во прашање заштитата на здравјето на граѓаните. Секоја инспекциска служба во рамки на своите надлежности, има подеднакво значење и придонес во справувањето со пандемијата од Ковид 19 и вакви средби ќе спроведам и со другите инспекторати, изјави Николовски.

Директорката на ДЗСИ Ирина Сотирова Бухова нагласи дека инспекторите веќе девет месеци наназад секојдневно се на терен со вршење на вонредни инспекциски надзори во сите здравствени установи, школи, детски градинки козметички салони, старечки домови, секаде каде што е потребно.

Таа наведе дека само во последните четири дена доставени се 7.500  решенија за изолација на лица зразени со Ковид-19 и на лица кои имале контакти со позитивни.

– Последниот надзор во Клиничка болница Штип го завршивме за 48 часа. Исходот понатаму е иницирање на вонреден надзор за да се потврди или отфрли евентуална грешка во здравствениот систем. Надзорот во Клиничка болница Битола го завршивме за 24 часа со епилог издавање решение по кое директорката мора да постапи веднаш. Инспекторите ќе останат на терен, будно ќе моноторираат било какво отстапување од протоколите и од законските норми кои се пропишани. Борбата е заедничка, непријателот е невидлив меѓутоа е тука за нас, потенцираше Сотирова Бухова

Back to top button
Close