Дрекслер: По зачленувањето во НАТО, Северна Македонија стана поатрактивна за германските инвеститори

Кога Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО во 2020 година, на почетокот тоа беше прославено од политичарите. Само две години подоцна, кога Русија ја почна агресијата против Украина, стопанствениците почнаа да зборуваат за значењето на членството во НАТО. Северна Македонија стана поатрактивна како локација за германските инвеститори, бидејќи стана дел од еден безбеден систем, рече германската амбасадорка Петра Дрекслер на традиционалниот работен појадок со компаниите членки на Германско-македонското стопанско здружение.

Како што истакна амбасадорката, иднината на една земја во голема мера зависи од тоа колку нејзината младина верува во нејзината одржливост.

 

-Секако дека ова првенствено е политичка задача и политиката треба да се соочи со овој предизвик. Но, тука ја гледам и улогата на економските актери. Германските компании дадоа значаен придонес во создавањето добри рамковни услови за успешна иднина во Северна Македонија: преку општествено одговорни мерки, преку инвестиции во дуално стручно образование по германски терк и преку нивниот придонес во зелената трансформација. Се надевам дека ќе продолжите и во иднина да го правите ова со поддршка на АХК Северна Македонија, нагласи Дрекслер.

На настанот, повеќе од 70 членки на Македонско-германското стопанско здружение имаа можност да ги претстават своите компании.

Антје Ванделт, директор на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во светот и член на Управен одбор на Македонско-германското стопанско здружение, го отвори настанот и зборуваче за важноста на поддршката на германските компании и соработката со локални компании партнери во реализацијата на инвестициски проекти, но и воспоставување партнерства при градењето на новите глобални синџири на снабдување.

Појадокот го организираа АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во светот и Германско-македонското стопанско здружение.

Back to top button
Close