Дрискол: Американската армија тешко се приспособува на модерното војување


Поранешниот секретар на американската копнена армија Ден Дрискол изјави дека војската на САД има сериозни недостатоци во способноста да се приспособи на модерното војување, во споредба со брзата иновација на Украина.

– Кога ќе видите колку голем беше украинскиот буџет и колку мал во споредба со нашиот, а сепак имаа подобри системи за водење војна, тоа беше како повик за будење. На некој начин беше понизно да се види колку брзо една земја може да се промени кога мора, изјави Дрискол за списанието „Ролинг Стоун“, во своето прво интервју откако поднесе оставка на 31 август, наводно поради несогласувања со американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет.

Дрискол го фалеше украинскиот напредок во технологијата на дронови, а минатата година ја посети Украина во рамките на мировните преговори.

Тој е познат заговорник за модернизација на американската копнена армија преку вложување во системите за одбрана од дронови и за формирањето на Баталјонот за напад со беспилотни летала, единица од 600 војници која првенствено се потпираше на беспилотни летала и работеше со украински советници.

Дрискол тврди дека на неговите планови за модернизација се спротивставил Хегсет.

– Кога тој (Хегсет) донесе одлука, јас не можев ништо да направам, посочи Дрискол.

По оставката на Дрискол, американската армија нареди Баталјонот повторно да се трансформира во стандардна воздушно-пешадиска единица.

Дрискол и Хегсет се залагаа за различни пристапи за зајакнување на американската копнена војска. Поранешниот секретар на американската армија се фокусираше на приспособување кон новите околности на модерното војување, додека Хегсет промовираше „војничка култура“, која повеќе се потпира на традиционалните методи, како што е физичката подготвеност на војниците.

Back to top button
Close