Дрисла треба да плати 120.000 евра – утврдено е дека ја загадила Маркова Река
Прекршочна санкција заработи депонијата „Дрисла“ од Државниот инспекторат за животна средина, од каде објавија дека казната е поради загадувањето на водите на Маркова Река.
Ова е епилогот на вонредниот инспекциски надзор направен на 4 септември годинава на барање на здружението „Младите од Батинци“, коишто веќе протестираа пред скопската депонија.
Од ДИЖС визуелно утврдиле дека има загадување на Маркова Река со темно-кафеава течност, при што надзорот не почувствувал мирис. Истиот ден од акредитирана лабораторија „Еуромак Контрол“ од Скопје биле земени мостри од три места за анализа на водите од Маркова Река, заедно со уште една дополнителна мостра која била доставена од граѓаните на Батинци.
Лабораториските испитувања покажале дека дел од параметрите се во границите на максимално дозволените концентрации, додека некои параметри биле над дозволеното и не се во согласност со Правилникот за условите, начинот и граничните вредности на емисија за испуштањето на отпадните води по нивното прочистување, велат од ДИЖС.
„Согласно Законот за животна средина од страна на инспекторот се преземени дејствија согласно утврдените прекршувања на законските одредби. На правното лице понудена е Постапка за спогодување за сторен прекршок кој е казнив согласно Законот за животната средина – член 212-ж став (1) точка 1 во врска со член 20, (Трета Категорија прекршок за кој за средни трговци санкцијата изнесува 110.000 120.000 евра во мкд противвредност). Доколку записникот за спогодување не биде потпишан од страна на одговорното лице согласно регулативата целиот предмет на 25.9 ќе биде предаден на Суд, Скопје и ќе се бара санкција за правното и одговорното лице во правното лице“, информираат од Државниот инспекторат за животна средина.