Дритон Небиу од Алијанса, нов директор на Агенцијата за управување со одземен имот

Дритон Небиу од Алијанса за Албанците е новиот директор на Агенцијата за управување со одземен имот. Ова на Фејсбук го објави досегашниот директор Фатон Асани од СДСМ.

„Секоја приказна има почеток и крај така да мојата приказна започна на 6 Август 2017 а крајот и дојде денес 10 Март 2023. Едно убаво животно искуство како директор во Агенција за управување со одземен имот , со еден прекрасен тим за работа со кој се направија енормни резултати, а за една институција дали напреднала или не може да зборуваат само БРОЈКИ“, напиша Асани.

Тој објави дека вчера извршил примопредавање на функцијата со новиот директор Дритон Небиу и вели дека се надева дека ќе продолжи со ист интензитет на работа и ќе реди успеси бидејќи остава прекрасен ТИМ на вработени. Тој се заблагодари за пожртвуваноста на тимот и за нивната доверба во него и неговите идеи. Асани додаде дека по еден изминат мандат, Државната агенција за конфискација ги остварила очекуваните бројки и норми.

„За успесите и резултатите на Агенцијата како што и претходно кажав, мерило се само бројките, а ние како тим ги имавме многу повеќе и од било која поставена НОРМА и не би редел затоа што се многу и ризикувам да го изгубам мојот лет за Болоња. Благодарност и до мојата СДСМ која ми ја даде безрезервната доверба и поддршка, сите овие изминати години , а секако голема благодарност до сите граѓани на РСМ кои воедно беа мојот мотив за достигнување на постигнатите цели и успеси“, смета Асани.’

Новиот директор пак, на Фејсбук објави дека честа да се предводи една институција како Агенција за управување со одземен имот, колку што е одговорна е и благородна од самиот факт дека истата претставува алка во системот преку кој на народот како реален сопственик му се враќа тоа што и му припаѓа, а некој сакал со истото да се збагати на нивна штета.

„Како управител на оваа Агенција ќе се заложам на секого да му припадне она што го заслужува и она за што работел. Затоа, управувањето со одземениот имот представува исправање на неправдата која му е нанесена на секој еден граѓанин на Република Северна Македонија со самото враќање на одземеното, украденото или незаконски стекнатото како и незаконски користеното во полза на граѓаните и за граѓаните. Работата на Агенцијата за управување со одземен имот во голема мерка зависи од она што правосудните органи ќе го докажат како незаконски стекнато или користено, напиша Небиу.

Back to top button
Close