Другарување
Почитувани читатели, денес сакам да напишам за еден сегмент од мојот живот кој е нераскинлив дел од мојата личност, а тоа е другарувањето.
Првото чувство за потреба за другарување го имам осетено во најраното детство кога искажав потреба на споделување на игри и забави, споделување на чувства и потреби со моите другарчиња од маало, потоа од основното училиште, гимназија, факултет и другарите стекнати во текот на мојот живот.
Играњето на челик во мојата претшколска возраст беше мое секојдневие. Да појаснам: играњето челик е скромна верзија на денешниот Амерички бејзбол или Амерички фудбал, ама во тие времиња за мене беше предизвик како со мојот стап ќе го удрам, подаденото парче исклесано дрво во вид на шилец, ќе го удрам и да оди најдалеку од сите. Признавам дека мојот другар од детство Мето кој несреќно загина во катастрофалниот земјотрес беше многу подобар од мене, беше многу повешт, ама и јас не бев лош.
Во Основното училиште најдобра пријателка ми беше мојата Гзиме, девојачко презиме Шеху, а мажена Старова. Правник, судија и денес во пензија отидена од местото судија на Врховниот суд на Македонија. Гзиме беше пример за сите ученици од нашиот клас. Нејзините домашни задачи напишани со прекрасен македонски ракопис, нејзините одговори на поставените задачи од учителката Калипса просто пленеа. Ако ние другарчињата од основно училиште бевме заљубени во нашата учителка Калипса, тогаш Гзиме беше втората личност која сите ја обожававме. Мојот најдобар другар од детството Ратко Панов, чиј татко Илија беше долгогодишен професор по Историја во тогашната машка гимназија Цветан Димов, со прекарот Муки, кој професор остави длабоки траги во меморијата на своите ученици со неговиот секојдневен педагошки пристап. Мене не ми предаваше, меѓутоа му предаваше на мојот брат Стефан и за неговиот начин на едукација ќе ви го приложам следниот настан доживеан од страна на мојот брат. Местоположбата на машката гимназија беше на теренот на денешен МАНУ. Во зимските денови греењето во училниците беше со поставени печки-ќумбе кои функционираа на дрва и ќумур. Професорот Муки практикувал да си ја постави столицата до печката и од време на време да задреме. На час по историја, пред завршување на првото полугодие учениците со сомнителна оценка биле преиспитувани. Бане Симоновски другар на мојот брат бил дигнат да одговара. На Бане чичко му беше тогаш легендарниот фудбалер на Вардар и Партизан, Џина Симоновски. Професорот Муки му го поставува прашањето на Бане да ја раскаже битката на Марица, а Бане како вљубеник на фудбалот кога видел дека професорот задремал почнал да врши пренос на фудбалска утакмица на Вардар со Вележ. После петминутен пренос професорот Муки одненадеж се буди и вика „и каков е резултатот еден-нула за мене?“ Овој настан кој реално се случил е дел од моето детство и детството на мојот брат Стефан, а мојот другар Ратко умееше да каже за својот татко Илија Муки дека тој никогаш не спие и дека слуша и кога спие. Со мојот другар Ратко имавме заеднички муабети на тема симпатии и вообичаено беше да симпатиите ги препознаваме во една иста личност. Љубомора меѓу нас не постоеше, туку напротив постоеше восхит дека споделуваме симпатии кон иста особа.
Во училиштето 11 Октомври, малата матура ја завршивме во клас со бељаџии. Кога ќе погледнам во фотографиите од тие моменти секојпат ми навираат спомени од моите соученици, бидејќи практикувавме да си одиме меѓусебе во домовите, а со тоа да ги запознаеме и домашните навики и нивните родители. Многу бевме едноставни во нашите секојдневни потреби. Домашното воспитување на секој од нас беше посебно потенцирано во моменти кога си одевме еден кај друг на гости. Бевме дочекувани со тоа што секој имаше по дома од храна и пијалак и секојпат задоволни бидејќи во нашето дружење постоеше емпатија за заедништво.
Дојдоа гимназиските денови. Највистинските другари со кои и денес другарувам ги стекнав токму во овие гимназиски денови. Вообичаени ни беа секојдневните дружења. Најповеќе кисневме на корзо. Во летните денови лимонадата правена со сода-вода ни беше вообичаен пијалак, слаткарницата кај Пошта со прекрасните шампити ни беше специјалитет, а кондураџијата Кенан не познаваше сите до еден и секојпат беше спремен да ни ги поткова изабените кондури, бидејќи во тие времиња кондури со ѓон беа единствената алтернатива за обувки. Во летните денови умеевме после корзо да се собереме на паркингот до Општина Центар и да играме фудбал. Од овој фудбал ми остана длабоко врежан еден момент кој што е сè уште присутен не само кај мене, туку и кај останатите другари од детството. При играњето фудбал заврна силен дожд и ние сите потрчавме под стреите на тогашните киосци на улица Илинденска до автобуската станица спроти Општината Центар. Вообичаено киосците беа затворени, а надвор беа поставени огромните фрижидери кои се чуваа за сладолед кој се продаваше тогаш на стапче. Деца како деца, осетивме дека еден од фрижидерите е отворен и сите се здадовме да земеме по неколку сладоледи. Веднаш после овој чин се свестивме дека ова е незаконско дело и сите се разбегавме. Епилог: никој од нас другарите не проба сладолед туку истиот заврши во кантите за ѓубре, а ние меѓу себе собравме пари кои ги оставивме под фрижидерот. Стравот кој што го преживеавме сите ние беше огромен, како да се оправдаме пред нашите родители, што ќе се случи ако тие дознаат? Многу дилеми во нашите мисли беа присутни во тие моменти. Сите имавме впечаток дека сме направиле огромно кривично дело и од тогаш стана закон дека нема никојпат да посегнеме по нешто што не ни припаѓа нам.
Во овие гимназиски денови се отвори тогаш елитниот ресторан Пивница, во самиот центар на Скопје, веднаш до Кооператива. СО скромни финансиски можности си дозволувавме да одиме еднаш неделно на пиво со огромни порции со помфрит. Помфритот во тие времиња беше најпосакуваното јадење меѓу нас другарите. Честопати се случуваше кога помфритот веќе привршуваше да го замолиме келнерот да го изгаси светлото и последните парчиња помфрит да се изедат на системот кому иде.
Од овие мои другари имам денес врвни луѓе во сферата на образованието, медицината и науката. Сите до еден се луѓе на место. Посебно место има нашиот другар Даре кој израснал во чаршија, живееше од чаршијата и денеска го носи тој чаршиски шмек во себе.
До сега пишував за моите другари од Скопје. За време на моето гимназиско школување во Гевгелија од година и половина, поради земјотресот, се стекнав со другари и од Гевгелија со кои и денес имаме заемна почит и респект. Тоа се мојот кум Ице, другарите Владо, Дине, Анго, Насе, Ноне. Лица, трајно останати во мојата меморија.
За овие гимназиски денови сакам да споменам и два моменти кои се поврзани со мене. На 15 годишна возраст ми се појави чир на дванаесетпалечното црево и вени на мојата лева нога. Од медицински аспект бев болникаво дете. Чирот ми прснува на моја 18 година и бев принудно опериран. Вените кои наликуваа на огромни гроздови ги отстранив во мојата 36 година како веќе делегат на Технометал-Вардар во Полска.
Денес од тоа наболничаво дете нема ни трага ни глас во мене.
Другарството за мене претставува врв на една социјализација на секој поединец, а другарувањето од детство има уште поголемо значење во нашите животи дотолку повеќе што нашите животни патишта тргнале на различни страни, ама чувството за заедништво останало меѓу нас.
Почитувани, за моето другарување една колумна е малку, ќе ми дозволите во идните колумни да уште повеќе ви се приближам со моите другари и да ја споделам со вас мојата размисла дека другарувањето е најсилниот мотив во нашето опстојување. Семејството и децата, тоа е исконска љубов, ама другарувањето е љубов со емоции.
Трифун Костовски