“Другите важни Други” – Живеење и љубов надвор од границите на конвенционалното пријателство и задолжителната романса

Се движиме низ светот во голема мера несвесни дека нашите емоции се создадени од концепти  – механизми на мозокот за справување со конфузијата која ја носиме со себе. Етикетираме, класифицираме – на тој начин од вртлозите искуство создаваме значење. Тоа е корисен импулс – без него, нема да има наука ниту раскажување приказни, ниту теореми, ниту поезија. Но, тоа е исто така ограничувачко – најубавите, најтрансформативните искуства во животот ги надминуваат категориите што нашата култура ги создала за да го сведе хаосот на свеста, а никаде повеќе присутен отколку во областа на врските – оние мистериозни блискости што ја премостуваат бездната помеѓу една свест и друга.

Илустрација на Софи Блекал од “Things to Look Forward to”

Кога ќе го испразниме зборот пријател поради прекумерна употреба и злоупотреба, кога ќе склучиме договор за љубов со пропишани улоги и крути, невозможни очекувања, стануваме заробеници на нашите сопствени концепти. Историјата на чувствата е историја на етикети, премногу мали за да ги понесат љубовите за кои сме способни — разновидни и енергично преобразени од еден во друг вид и повторно назад. Потребна е и голема храброст и голема ранливост за да се живее надвор од концептите, да се запознае секое ново искуство, секоја нова врска, секој нов емотивен пејзаж според свои услови и да му се допушти за возврат да ги прошири нашите начини на живеење.

Тоа е она што Раина Коен го истражува во „Другите значајни други: Преиспитување на животот со Пријателство во Центарот“ — новинарско истражување на огромниот, но невидлив свет на некласифицирани интимни врски, профилирање на парови на луѓе низ различни околности и фази од животот.

Луѓе кои ги „поместиле границите на пријателството, поместувајќи ги линиите подалеку и подалеку нанадвор за да опфатат повеќе простор во животот едни со други“, луѓе кои се нашле себеси во заедничкото пронаоѓање со Другиот.

Она што се пројавува како резултат на овие врски е противотров на тиранијата на „идеалниот пар“ и „можност да ги прошириме опциите што ни се отворени“ и нè потсетува дека плаќаме висока цена за живеење според стандардните концепти на нашата култура.

Додека ги ослабуваме пријателствата очекувајќи премалку од нив, ги поткопуваме романтичните врски очекувајќи премногу од нив.

Ова е книга за пријателите кои станале “ние”, без церемонии но споделуваат долгорочна платонска посветеност. Тоа се пријатели кои се селеле заедно низ држави и континенти. Тие биле примарен негувател на нивниот пријател преку трансплантација на органи и хемотерапија. Тие се ко-родителите, ко-сопственици на домови и извршители на волјите на едни со други. Тие припаѓаат на клуб кој нема име или членство, честопати несвесни дека има и други како нив.

Тие потпаѓаат под капата на она што Ели Финкел, професор по психологија на Универзитетот Нортвестерн, го нарекува „други значајни други“. Избегнувајќи повообичаено животно организирање, овие пријатели се соочуваат со опасности и доаѓаат до откритија што инаку не би ги имале.

Забележувајќи дека нејзиниот интерес за оваа тема е повеќе од теоретски, катализиран од нејзината сопствена експанзивна врска со друга жена паралелно со нејзиниот брак, Коен ги смета врските што им пркосат на категориите за контракултурен чин на храброст и отпор.

-Почнав да гледам како овие необични врски можат да бидат и провокација – вознемирувачки за општествените начела што ги ограничуваат нашите интимни животи: дека централната и најважна личност во животот треба да биде романтичен партнер, а пријателите се секундарната актерска екипа. Таа романтична љубов е “вистинската” работа, и ако луѓето тврдат дека чувствуваат силна платонска љубов, таа во суштина не е платонска. Дека возрасните кои заедно одгледуваат деца треба да имаат секс едни со други, а бракот заслужува посебен третман од државата – пишува Коен.

Имајќи ја предвид долгата лоза на луѓе кои им пркоселе на категориите на своето време и место, таа додава: Предизвикувањето на овие општествени норми не е ново, ниту пак платонските партнери се единствените дисиденти. Луѓето кои се феминистки, квир, транс, обоени, немоногамни, самци, асексуални, аромантични, во целибат или кои живеат во комуни ги ставаат под прашање овие идеи со децении, ако не и со векови. Сите поставуваат контрапункт на она што Елеонор Вилкинсон, професорка на Универзитетот во Саутемптон, го нарекува задолжителна партнерство: идејата дека долготрајната моногамна романтична врска е неопходна за нормално, успешно живеење.

Ова е на линија на влијателниот концепт на феминистичката писателка Адриен Рич која пишува за „задолжителна хетеросексуалност“ – идејата, спроведена преку социјален притисок според која единствената нормална и прифатлива романтична врска е помеѓу маж и жена.

Некои од првите приказни што ги слушаме како деца ни ја всадуваат идејата задолжителна двојка, изедначувајќи ги ликовите што ја пронаоѓаат својата „вистинска љубов“ со живеење „среќно до крајот на животот“. Може да биде збунувачки да се најдете во јазот помеѓу животот што го имате и животот за кој верувате дека би требало да го живеете.

Понатаму во “Другите значајни други”, Коен ги пренесува приказните на луѓето кои поминале низ конфузијата за конечно да изградат животи околу длабоко скроени врски врски изградени од најдлабоките и највистинските делови од нив, односи кои го реосмислуваат тоа што значи да се сака, и да биде сакан/а, да се погледне друг човек и да се биде виден – врски како оние на Рејчел Карсон и Дороти Фримен, Клара Шуман и Јоханес Брамс, Ралф Валдо Емерсон и Маргарет Фулер.

извор: Marginalian

избор/превод:  Лени Фрчкоска

Back to top button
Close