Држава нон грата

Влеговме во нова рунда хистерија во односите со Бугарија во последните недела дена. По еден релативно тивок период, во кој изгледаше дека има надеж дека односите ќе останат во доменот на нормалното, од пред еден месец повторно се наоѓаме во спирала на ескалација. Просто е фрапантно колку кревко било „примирјето“ – два маргинални инциденти, се разбира, повеќе од сомнително погодени во вистинско време, успеаја молскавично да не` вратат во старата реторика. Како да бевме во „низок старт“ за кавга, што за една недела стигнавме дотаму што нашите функционери се јавија со повици да се прогласат нивни политичари за персона-нон-грата, а нивни политичари уредно се истакнаа со повици да се активира повторно ветото кое би не` блокирало на патот кон ЕУ. Изгледа како филмско сценарио.

 

Мирис на „режија”

Токму затоа, бидејќи целиот след на околностите изгледа толку филмски и режиран, мислам дека треба со студени глави да се разгледуваат околностите. Факт е дека има ескалација на антагонизмот во последниот период, и факт е дека прогресијата на таа ескалација малку мириса на „режија“. Оттаму, треба да се пресметаме за два сериозни фактори – дали ваквата ескалација суштински им одговара на Македонија и на Бугарија, и дали е таквиот антагонизам автохтон, или е само спорадичен и маргинален феномен. Сепак, најголемиот дел од граѓаните не се националисти во основа, туку се повеќе заинтересирани за подобар живот и добрососедство, што би требало да биде добра вест.

Дополнително, ниту Македонија ниту Бугарија имаат суштински стратешки бенефит од лоши односи, освен како транзиторна евтина политичка игра на изолирани политички субјекти во двете земји. Затоа, не треба да креваме премногу хистерија околу ваквите инциденти, но истовремено треба да бидеме внимателни околу начинот на кој тие ќе се процесираат низ локалниот политички дискурс во двете земји.

 

Предизвик за Бугарија

Во основа, на Балканот нема недостаток на будали, од било која страна на границите, па не треба да сме премногу изненадени кога се појавуваат вакви настани, особено имајќи го предвид фактот дека односите со Бугарија се на историски ниско ниво. Сепак, суштинската борба не е да нема вакви маргинални исклучоци (тоа е невозможно), туку тие да останат токму тоа – исклучоци, кои не се вистински репрезент на официјалната политика на двете земји. Тоа најмногу зависи од тоа како институциите и политичките елити во Македонија и Бугарија ќе се однесуваат при вакви провокации, односно дали ќе ги „отпишат на глупост“, или ќе ги искористат како повод за дополнителна ескалација, односно заострување на официјалната политика. Мислам дека ова е поголем предизвик за Софија одошто за нас, од повеќе причини: (1) тие имаат поистакнат етноцентризам во нивната внатрешна политика воопшто, за разлика од Македонија каде мултиетничкото општество наметнува поголем дух на толеранција; (2) тие се во предизборна реторика веќе две години, каде политичкото предаторство на оваа тема е доминантно; (3) ние по овие прашања сепак нешто научивме и од проблемот со Грција, каде се покажа дека евтиниот популизам е долгорочен зијан за политичарите кои го користат. Така, мислам дека опасноста ваквите инциденти да се искористат како изговор за официјалната политика да стане антагонистичка, е поголема во Бугарија одошто во Македонија.

 

Ново вето?

Тоа не` води до основното прашање: дали таа мејнстрим ескалација може да прерасне во ново официјално вето? Според мене, во оваа фаза ризикот од таков потег сепак не е висок. Во протоколот за добрососедство, на кој се реферира во официјалната рамка за преговори со ЕУ, експлицитно стои дека освен уставните измени, за Македонија нема да има нови услови при отворање на поглавјата, што значи дека формално, би претставувало голем преседан, ако Бугарија, и покрај ваквите гаранции, активира ново вето пред отворањето на поглавјата, секако под претпоставка дека ние ќе ги усвоиме уставните измени. Затоа, мислам дека ова сепак нема да доведе до ново вето, барем не во блиска иднина, освен, се разбира, ако ова прашање да прерасне во топ-тема на новите избори, во кој случај сите опции се можни.

Токму поради таа чувствителност, и во Скопје и во Софија, мислам дека реакциите на овие инциденти од страна на официјалните претставници на државата, се од клучна важност. Тука, особено кај нас, гледам две линии: онаа на Пендаровски, за прогласување на Џамбаски за персона-нон-грата, обоена со еден безбедносен геополитички код, и онаа на Османи, во која доминира дипломатска внимателност и нежност. Мислам дека вистинскиот пристап е некаде на средина помеѓу овие две линии, еве зошто. Мислам дека пристапот на Пендаровски е премногу крут – не можете некого да прогласите за непожелна личност, само затоа што извикувал работи кои вас не ви се допаѓаат, и покрај тоа што се непристојни, вулгарни, и секако радикални. Сепак, таквите пароли влегуваат и во доменот на право на мислење и говор, колку и тоа мислење да е суштински навредливо. Доколку има други причини за ваквиот потег (ограничување на влез за европратеникот), поврзани со некакви други разузнавачки сознанија, кои влегуваат во доменот на геополитичкиот стратешки интерес на државата, тогаш таа причина за предлогот треба дополнително да биде објаснета и поткрепена, во спротивност, ќе остане впечатокот дека реагираме несоодветно.

Османи, пак, според мене, е премногу мек – осуда за инцидентот во Охрид и брза институционална разрешница е секако sine qua non, мислам дека е погрешно постојано да се трудиме да ја одоброволиме Бугарија, и само Бугарија, додавајќи некакви системски крпеници за нивните фрустрации (специјални институции, специјална заштита и слично), без притоа да го имаме предвид вкупниот контекст. Тој секако е полош од бугарска страна одошто од македонска, зашто таму оваа ксенофобија е без малку официјална политика. Затоа, реакциите мораат да ги имаат предвид и чувствата на македонските граѓани по оваа тема, зашто во спротивно, ризикуваме тие да изгубат секаква верба дека нивните претставници работат и за нивните интереси, и да ги направиме целосно апатични и цинични. Со прости зборови: не може за Бугарија да еговор на омраза кога ние велиме дека сме Македонци, а да не е говор на омраза кога Џамбаски вели дека сме Бугари. Не може да се фокусираме само на она што им пречи ним, а тие да го игнорираат она што ни пречи нам. Затоа, токму имајќи ја предвид оваа перцепција за асиметрија, секој добронамерен чекор од наша страна, би требало да биде поткрепен и со некаков потег од Бугарија, зашто ако не е, електоратот дополнително ќе се радикализира, а партиите ќе го следат.

Петар Арсовски

Извор: дв

Back to top button
Close