Државата ќе дискриминира

Субвенционирање на еднаква етничка застапеност на вработени во приватните компании може да доведе до финансирање на дискриминацијата со пари од буџетот.

Пример. Ако на еден газда во чија фирма има повеќе инжењери Македонци му се потребни уште двајца инжењери и на конкурсот се пријават по двајца еднакво способни Македонци и Албанци а државата дава пари да се примат Албанците наместо Македонците заради “уставното начело на еднаква застапеност”, тој ќе ги прими Албанците бидејќи примил пари или поткуп за тоа кој е наречен “државно субвенционирање”.

Со тоа “државно субвенционирање” директно се поткопуваат принципот на рамноправноста и слободата на изборот. Истовремено државата би финансирала дискриминација на еднакво способните Македонци заради наводно “повисоки цели”.А тоа ќе ги влошува меѓуетничките односи.

Барањето да се применува и во приватниот сектор од стопанството некаква “позитивна дискриминација” каква што беше воведена на државните универзитети со цел да запишат поголем број Албанци, подразбира да им се наметне етничка квота при вработувањето и приватните газди да не вработуваат само лица кои на интервјуата покажале најдобри резултати независно од нивната етничка припадност туку сите кандидати за прием да бидат одапред поделени во групи од мнозинската и од немнозинските заедници.

Позитивната дискриминација подразбира да вработувате задолжително лица и од немнозинските заедници независно од тоа дали го положиле “приемниот испит” . Се оди до таму, приватните газди да им овозможат на припадниците од немнозинските заедници интервјуата за вработување да ги водат на албански јазик за кандидатите за вработување во нивните компании однапред да не биле хендикепирани. И тоа се бара во држава во кој министер од редовите на ДУИ не знае ниту македонски ниту албански туку комуницира со нас на англиски.

Ако се има пред вид дека најголемиот дел од малите па и средните приватни компании се семејни фирми, кои се свесни дека со евентуалното пропаѓање на компанијата оди во банкрот целото поблиско и пошироко семејство тогаш станува јасно дека ваквите “субвенции”за обезбедување на рамномерна застапеност на националностите и во приватните компании е чиста глупост и само уште една алатка за држење во центарот на вниманиото на “етничката дискриминација на Албанците”.

Сега таа формулација се користи за обвинување и на приватните сопственици Македонци затоа што и тие како Заев не дозволуваат Албанец да им ја води компанијата. Но целта на оваа идеја е и за зголемување на политичката моќ на ДУИ и на нејзиното клиентилистичкото тело кое го зголемува со “обезбедувањето пари од државниот буџет за вработување Албанци и во приватните компании откако во државните институции и во јавните компании местата според етничкиотклуч се целосно пополнети пред се од политички активисти на ДУИ”.

Останува само прашањето дали Груби и другите заговорници на оваа идеја разговарале со приватните газди Албанци и што велат тие за идејата да обезбедат во секоја од нивните семејни компании да има вработено 70%Македонци и уште најмалу 5 до 10% Срби,Роми и лица од другите националности. Можеби еднаш за почеток треба да се почне со субвенционирањето на ерничката рамноправност во нивните компании. Само за да се види абсурдноста на “големите идеи” . Проблемот на ДУИ во овој случај е и неразбирањето до каде треба да се протега моќта на државата и на партиите. Кога таа ќе ја засегне и самостојноста на приватната сфера таа влегува во зоната на тоталитаризмот а тоа СДСМ не смее да го дозволи

Ѓорѓи Спасов

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close