Државата итно да ја преполови акцизата за горивата, бара ВМРО-ДПМНЕ

Новите повисоки цени на горива се поради неспособната влада која уште пред четири месеци знаела за агресијата во Украина и ценовниот шок кој доаѓа.

Неспособната влада не презема ништо за да спречи удар врз граѓаните, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако синоќа од полноќ цената на дизелот се зголеми за 10 денари и на бензините за 5.5 денари по литар и побара државата да ја преполови акцизата за горивата.

-Со новото покачување на нафтените деривати се нарушува и животниот стандард на граѓаните, кое исто така ќе се пренесе и со покачување на сите крајни производи кои ги користат граѓаните.

Покачување на дизелот за 10 денари и на бензините за 5.5 денари по литар ќе се зголемат и цените во транспортот на патници, стоки и услуги. Ова ново покачување на нафтените деривати ќе предизвика и нови отпуштања на работници и затворања на мали и средни бизниси, реагираат од партијата.

Оттаму обвинуваат дека наместо власта на СДСМ навремено да превенира и да ги заштити граѓаните од нови ценовни шокови, направила хаос изминативе неколку дена пред бензинските пумпи.

-ВМРО-ДПМНЕ преку пратеничката група во Собранието предложи намалување за 50% на акцизите на нафтените деривати. Овој предлог беше отфрлен од СДСМ и ДУИ. Потребно е веднаш да се прифати овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ и да се спречи поголеми ценовни шокови.

Мора да се стави крај на ова неодговорно владеење на СДСМ и ДУИ, за тоа се потребни брзи предвремени парламентарни избори, велат од опозициската партија.

Back to top button
Close