Државен удар во Иран?!
Мерсел Биљали
Првиот верски водач, ајатолахот Кхомеини, напишал едикт пред својата смрт во 1989 година со кој се забранува наследното владеење. Вчера Моџтаба Хамнеи грубо го прегази. Ајатолахи кои го фалат Бога, но го следат ѓаволот!

Војната против Иран го потресе целиот свет. Доколку Ормутскиот теснец продолжи да биде затворен, опасната глобална криза не само што ќе ни затропа на вратата, туку и ќе нѐ удри со чизма. Ормутскиот теснец широк 33 км помеѓу Иран, Оман и Емиратите, овозможува премин на големи танкери кои транспортираат околу 34% од светската побарувачка за нафта (17 милиони барели дневно). Оваа нафта доаѓа од осум земји во Персискиот Залив – Иран, Кувајт, Саудиска Арабија, Ирак, Бахреин, Емиратите, Оман и Катар. Индија, која увезува околу 60% од своите потреби од овој регион, ќе страда најмногу. Втората е Кина, која увезува околу 38% од своите потреби од овој регион. Третата земја е Јапонија, која увезува речиси 75% од своите потреби преку овој регион. Четвртата е Саудиска Арабија, бидејќи 75% од нејзиниот извоз на нафта оди преку овој теснец, а само 10% преку Суецкиот канал. Европските земји задоволуваат околу 12% од своите потреби за нафта преку Ормутскиот теснец, што не е мала количина за развиените европски економии. Глобално, околу 31% од светската нафта поминува низ Ормускиот теснец.
A таму се води војна. САД го објавија најголемото распоредување на американски трупи на Блискиот Исток во последните 20 години, како дел од операцијата „Епски бес“. Само првите 100 часа ги чинеа Американците околу 5,82 милијарди долари за над 50.000 војници, 200 борбени авиони, два носачи на авиони, петнаесет разурнувачи и десетици бомбардери со долг дострел. Најголемата американска загуба беше радарот за рано предупредување AN/FPS-132 вреден 1,1 милијарда долари во воздухопловната база Ал-Удеид во Катар.
Според анализата на Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS), 3,1 милијарда долари биле потрошени за муниција во првите 100 часа од операцијата, а овие трошоци сè уште изнесуваат 758 милиони долари секој ден. Интересно што некои европски земји ја забранија употребата на американски бази сместени на нивни територии, па оттука и нервозата на Трамп. Се чини дека некои европски земји сакаат да му дадат до знаење на Трамп дека понижувањето на Европа од него и Џ.Д. Венс има своја цена. Но, сепак операцијата „Епски бес“ видно го срамни со земја Иран. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет тоа го изјави за CBS News. „Иранската морнарица е во голема мера уништена. 90% од ракетните бази на Иран се уништени, Хамнеи е убиен, а неговиот наследник е ранет. Американскиот претседател Трамп претходно изјави за ABC News – „Вашингтон треба да се праша кога ќе избира нов ирански лидер. Ако тоа не добие наше одобрение, нема да трае долго“. „Нивната способност да проектираат каква било моќ во областа во поморска смисла се намалува и ќе продолжи да се намалува. Ова е само почеток“, рече Пит Хегсет.
Иранскиот режим не паѓа со протести!
Средновековниот теократски режим воспоставен од ајатолахот Кхомеини во 1979 г. и продолжен од Хамнеи се покажа извонредно отпорен веќе 47 години. Од масовното востание во 2009 година поради обвинувања за изборна измама до неодамнешните национални протести, режимот брутално уби над 35.000 луѓе, а многу други тешко страдаа со години, и тоа во името на Алах. Оние што молчат имаат најмногу да кажат. Ниеден црн ѓавол не би можел да убие толку невини луѓе! А тоа го направи средновековниот теократски режим воспоставен од ајатолахот Кхомеини, а продолжен од Хамнеи. Но, една мудрост вели – дури ни целата темнина на светот не може да затемни светлината на една свеќа. Секогаш има луѓе што се надеваат дека Божјата милост никогаш нема да ве однесе таму каде што владее ѓаволот.
Техеран гордо (а сега и лажно) го користи зборот „Република“, додека делува како сурова наследна средновековна монархија. Убиениот Али Хамнеи го наследи неговиот син Моџтаба Хамнеи! Брутално кршење на Уставот и државен удар на човек на Иранската револуционерна гарда (организација слична на озлогласената Гестапо). Тој лично, во јануари, и нареди на Иранската револуционерна гарда брутално да ги задушат протестите. Продава „свет ислам“, а изгради тајна империја за недвижности вредна десетици милијарди евра (дел од нив во Велика Британија)!
Како ќе заврши војната?
Првата опција е бунт во рамките на Револуционерната гарда, која е ‘рбетот на режимот. Откако режимот ќе ослабне, поумерените би можеле лесно да ја соборат владата. Тие би ја запреле нуклеарната програма, вклучувајќи центрифуги и залихи од околу 440 килограми високо збогатен ураниум. Иран би се откажал од развојот на ракети со долг дострел, а во исто време би им дал на западните нафтени компании доминантен пристап до енергетскиот пазар во земјата. Втората опција е обновување на протестите, со дополнителни аргументи како „зошто да се оди во војна кога самиот самопрогласени водач тајно се договори со центрите на моќ“!
Друга опција (која моментално се разгледува) би била Трамп, како антивоена фигура да прогласи некаква победа и да ги повлече силите, додека Израел да продолжи со своите ретки напади со ограничени ресурси. Но, ризикот од оваа опција е дека нуклеарните и ракетните програми на Иран ќе бидат подлабоко под земја и подалеку од меѓународните инспектори. Дополнителен ризик би бил ако се укине религиозната забрана за производство на нуклеарно оружје и Иран се обиде да развие нуклеарна бомба користејќи ги своите постоечки залихи од збогатен ураниум. Во таков сценарио, Иран би можел да стане изолирана и милитаризирана држава со нуклеарно оружје, слична на Северна Кореја.
Третата опција (доколку претходните не успеат) се етнички сепаратистички движења, кои би заземале ирански територии. Најголемото малцинство во Иран се Азерите (ирански Азербејџанци) кои сочинуваат 17,1% од вкупното население во Иран (што значи околу 15,3 милиони). Тие лесно можат да се отцепат од Иран и да се приклучат кон Азербејџан доколку добијат мал сигнал од Турција и САД. Сепак, засега, Турција не го претпочита ова бидејќи знае дека ако Азербејџанците се отцепат од Иран, тоа би можело да ги инспирира турските Курди во неговиот југоисточен дел. Информациите велат дека во Иран веќе се формирани курдски воени формации и дека тие ефикасно контролираат дел од иранската територија. Имено, иранските Курди се второто малцинство во Иран (10,3%) и се граничат со Курдите од северен Ирак и североисточна Сирија (кои веќе имаат своја де факто автономија). Нивната идеја е да создадат курдска држава со околу 25 милиони жители. Со оглед на близината на таа нација до САД, трета автономија (сега во Иран) воопшто не е исклучена. „ЦИА работи на план за вооружување на иранските курдски сили за да поттикне народно востание во Иран“, изјавија нивните извори за Си-Ен-Ен. Исто така, има Мазандарани (околу 5 милиони), Лури (околу 5,5 милиони) и Белуџи (околу 2,5 милиони) кои се незадоволни од својот статус и режимот на ајатолахи. Хива Бахрами, меѓународен претставник на Демократската партија на ирански Курдистан (PDKI), тврди дека курдските и белушките единици на терен се способни трајно да ја задржат нивната територија. Пешмерга силите, вели Бахрами, „би можеле да мобилизираат стотици илјади луѓе“. Некои знаат дека нема пропуштени можности, туку пропуштено време.






