Државна лотарија под ревизорска истрага: Сомнежи за злоупотреба на околу 2 милиони евра
Државниот завод за ревизија се воздржал од изразување мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и дал неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива во работењето на АД „Државна лотарија на Република Северна Македонија“ за 2024 година.

Во ревизорскиот извештај се нотирани сериозни слабости во финансиското управување, целосно отсуство на внатрешни контроли и низа нерегуларности кои отвораат сомнеж за можна злоупотреба на јавни средства во износ од 122,5 милиони денари, односно околу два милиони евра.
Ревизорите утврдиле дека во текот на 2024 година Државна лотарија остварувала дневен пазар од над 46 милиони денари на 10 сопствени продажни места, но овие средства не биле редовно уплатувани на платежните сметки, иако тоа е законска обврска. Во текот на целата година, уплати по основ на „дневен пазар“ биле извршени само двапати, при што било констатирано дека станува збор за префрлање готовина меѓу сметки на друштвото, а не за реален дневен промет.
Дополнително, не се водела благајничка книга, не постоела соодветна документација за прием и предавање на готовина, а дневниот промет не можел навремено да се следи и евидентира.
Иако во систематизацијата биле предвидени работни места за благајник и шеф на сметководство, клучните финансиски активности ги извршувало едно лице – директорот на Секторот за финансии и сметководство. Внатрешната ревизија, според наодите на ДЗР, не функционирала, што овозможило одредени недозволени и незаконски активности да останат неоткриени.
Ревизорите утврдиле и дека биле исплатени 13,9 милиони денари аванси за мали добивки директно од благајна, без користење на пропишаниот Мастер дилер. За поголем дел од овие исплати не постои валидна документација, а во поединечни случаи на ист ден биле вршени исплати и преку благајна и преку Мастер дилер, без јасно образложение.
Според изјави на вработени лица, дел од евидентираните аванси воопшто не биле примени или вратени, што дополнително го зголемува сомнежот за можна злоупотреба на средства.
Со анализа на трговските книги и онлајн системите, ревизорите откриле нелогични и неоправдани трансакции во вкупен износ од 122,5 милиони денари. Кај инстант лотаријата, неисплатениот фонд на добивки бил за 63,3 милиони денари помал во однос на податоците во централниот систем, што ја доведува во прашање можноста за идни исплати и го нарушува интегритетот на институцијата.
Кај наградите во предмети, како што се станови, автомобили и скутери, не постоела соодветна сметководствена евиденција, набавките биле вршени пред одобрување на правилата, а трошоци во износ од десетици милиони денари не биле евидентирани.
Во 2024 година, Државна лотарија потрошила 220,8 милиони денари, односно 3,58 милиони евра, за реклама, промоција и маркетинг, што е десеткратно зголемување во споредба со 2020 година. Притоа, ревизорите утврдиле неправилности од најмалку 73,4 милиони денари, поврзани со недостиг на договорни обврски за мониторинг, непоткрепени фактури и сомнителна оправданост на дел од настаните и емисиите.
Од Државниот завод за ревизија информираат дека за сите утврдени неправилности, како и за сомнежите за незаконско работење и ненаменско трошење јавни средства, се известени надлежните институции за понатамошно постапување. Воедно, дадени се конкретни препораки за надминување на утврдените слабости и воспоставување функционален систем на финансиско управување и контрола






