Државната комисија за спречување на корупција уште лани ја расчистила набавката за ОБСЕ самитот – нема неправилности
Нападите кон Бујар Османи за наводна незаконска набавка за потребите на ОБСЕ самитот во Скопје се целосно демантирани со официјален документ од Државниот завод за ревизија, во кој јасно се наведува дека Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) уште во 2023 и 2024 година постапувала по предметот и утврдила дека нема неправилности.
Според извештајот, ДКСК го отворила предметот по сопствена иницијатива, а потоа и по поднесок од познат подносител, откако во јавноста биле изнесени сомневања за незаконски спроведена постапка за јавна набавка за внатрешна адаптација и надворешно уредување на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ од страна на МНР.
На 99-та седница одржана на 26 јануари 2024 година, ДКСК донела одлука дека сомнежите не се потврдени. Наместо тоа, Комисијата препорачала МНР и „Борис Трајковски“ ДООЕЛ да извршат валоризација на реконструкцијата и вградената опрема во салата, со цел зголемување на сметководствената вредност на објектот.
Овој официјален заклучок ја потврдува исправноста на постапките за кои деновиве противникот на Османи, Изет Меџити, се обидува да создаде скандал. Меџити, кој со години се соочува со јавни сомнежи за сериозни корупциски практики, се обидува да го израмни сопствениот корумпиран имиџ со оној на Османи – иако институциите веќе утврдиле дека во овој случај нема никаква незаконитост.