Државниот врв им го честита празникот Свети Сава на припадниците на српската заедница

По повод  Националниот ден на Србите во Република Северна Македонија- Свети Сава, државниот врв им го честита празникот на сите припадници од српската заедница.

Претседателот Стево Пендаровски  упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Северна Македонија, посакувајќи им празникот да го поминат во добро здравје, исполнет со радост и со среќа.

„Ја користам оваа прилика најсрдечно да ви го честитам Националниот ден на Србите во Република Северна Македонија ‒ Свети Сава и да ви посакам празникот да го поминете во добро здравје, исполнет со радост и со среќа“- истакна Пендаровски.

Претседателот на собранието Талат Џафери се приклучи на честитките  и дополни дека овој празник претставува потсетник за тоа што значи трајна вредност и несебично вложување на целото битисување за градење на такво наследство за генерациите што следат.

„Упатувам срдечни честитки до сите наши граѓани, припадници на српската заедница и им посакувам да имаат убав и спокоен празничен ден, поминат  во кругот на блиски и драги луѓе. Во исто време, уверен сум дека Република Северна Македонија, како наш заеднички, топол и безбеден дом е земјата во која најдобро ги изразуваме нашите поединости, а сепак слеани  во една единствена слика во која секој поединец е незаменлив дел кој на несебичен начин придонесува со тоа што најдобро може а во овој случај, тоа е одржувањето на пријателските односи со непосредните соседни земји“- изјави тој.

Премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев смета дека овој празник е дел од нашата традиција на почитување на различните културни особености за заеднички стремеж кон градењето просперитетна иднина за сите граѓани.

„Со нашите сограѓани од Србија ги унапредуваме традиционално добрите односи и со Република Србија и во таа насока во Општина Центар се завршени сите претходни постапки за изградба на Српски културен центар кој ќе почне да се гради оваа година, истовремено кога во соседна Србија ќе се реализира и идејниот проект за Македонскиот културен центар во Белград.
Одиме и чекор понатаму и ги враќаме наставните програми за изучување на српскиот јазик и култура за што се одобрени наставните програми од трето до шесто одделение, а во постапка на одобрување се наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение, за разлика од времето кога ВМРО-ДПМНЕ во 2007 година ја укина можноста српскиот јазик да се изучува како изборен предмет“, додаде премиерот.

И генералниот секретар на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Љупчо Николовски упати честитка до  сите граѓани кои го слават денешниот празник.

„Во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и во мое име упатувам срдечни честитки за денешниот празник Свети Сава на сите вас кои го празнувате и ви пожелувам добро здравје и спокоен живот. Нашиот заеднички дом, нашата заедничка татковина е непроценливото богатство на традиции, култури и различности каде припадниците на српската заедница даваат важен и континуиран придонес“- дополни Николовски.

 

Back to top button
Close