Државното правобранителство ги искара медиумите што пишуваат за Бесмира Ејупи: Да престанат шпекулативните напади

Државното правобранителство на Република Северна Македонија преку соопштение „остро ги осудува последните шпекулативни напади врз институцијата“ поврзани со случајот со Бесмира Ејупии нејзината сестра, за кои беше објавено дека примиле илјадници евра во хонорари од Правобранителството, но и од редица други државни и локални институции.

Јавноста дозна за името на Бесмира Ејупи кога беше објавено дека Владата ја назначила за генерален конзул во Њујорк, без да ги исполнува законските критериуми за дипломатската позиција. Ова потоа беше демантирано од МНР и од министерот Бујар Османи, но без детали, затоа што се работело за затворена владина седница, од која не смеат да се изнесуваат информации. Подоцна испливаа и информациите за бројните ангажмани на Ејупи во државни институции.

Според објавите во медиумите и базите на податоци „Отворени финансии“, не само Бесмира Ејупи, туку и нејзината сестра Фатиме, имале договори за ангажман во повеќе општини и институции, меѓу кои и Државното правобранителство, а за нивните услуги за нецела година наплатиле повеќе од 17.000 евра.

„Основната надлежност и задача на Државното правобранителство е одбрана на државата во голем број судски постапки односно над 200 илјади предмети од кои 65 000 се само во подрачје Скопје. При толкав обем на предмети се соочуваме со недостаток на кадар или премал број на стручни лица и затоа се ангажираат лица на договор за дело за месечен хонорар и целосно законски, бидејќи институцијата нема финансиска согласност за вработувања на потребниот стручен кадар“, велат од институцијата со која раководи државниот правобранител Фехми Стафа.

Оттаму посочуваат и дека „објавувањето лични податоци на граѓани е крајно неетички и неморален чин и претставува повреда на Законот за лични податоци“.

Back to top button
Close