ДСЗИ не гледа пропусти во лекувањето на 17-годишникот во „Демир Хисар“ – момчето го врзувале со фиксатори, не со синџири

 

По извршениот надзор во Психијатриската болница, в.д. директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска, посочи дека момчето првично било сместено во адолесцентското одделение, но поради неговата изразена агресија и напад на пациентки од женски пол, лекарите одлучиле да го префрлат во соба за фиксација.

Оваа соба, објаснува Младеновска, е наменета за пациенти кај кои се појавува изразена агресија или насилничко однесување. Посочува оти користењето на фиксаторите, кои може да бидат платнени или кожени, е дозволено, а оти тие се користат исклучиво за пациенти кои пројавуваат агресивно однесување.

„Фиксаторите се наменети за пациенти кои имаат насилничко однесување, коишто се агресивни. Воопшто не станува збор за синџири или за некои други предмети кои беа изнесени во јавноста“,

рече Младеновска.

Претходно денеска, министерот за здравство Фатмир Меџити се сретна со Салка Абдуловска, мајката на 17-годишното момче. Меџити, како што соопштија од Министерството за здравство, изразил жалење за ситуацијата и потенцирал дека нема да дозволи несоодветен третман на пациентите, особено на малолетни лица.

Министерот за здравство Фатмир Меџити на средба со мајката на 17-годишникот, Салка Абдуловска

„Иако добив уверувања од менаџментот на болницата дека е постапено по сите протоколи со цел безбедност на пациентот, случајот и работењето на болницата ‘Демир Хисар’ ќе биде под строг надзор на Министерството. Ги охрабрувам другите институции кои започнаа постапка да ги завршат за да се расчисти случајот до крај“,истакнал Меџити за време на средбата со Абдуловска.

Министерот дополнително најавил дека ќе се направат напори момчето да биде сместено во интернатот на училиштето за деца со посебни потреби „Партениј Зографски“ во Скопје.

По наводите за нехуманиот третман на 17-годишното момче со аутизам во Психијатриската болница во Демир Хисар, Народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива за испитување на овој случај.

Back to top button
Close